Малиот човек и големото бидè

Во расказот „Бидето“, грчкиот писател Мариос Хакас со црн хумор и гротеска ја превртува наопаку идејата за напредокот: еден навидум невин санитарен предмет станува симбол на сè што човекот жртвувал за да го нарече својот живот успешен.

Од програмата на неодамна одржаната конференција по повод 80-годишнината од постоењето на катедрата за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ дознавме за Мариос Хакас, (1931–1972), грчки писател и поет, припадник на повоената генерација грчки автори. Роден е во Макракоми, во централна Грција, а уште како дете се преселил со семејството во Каисаријани, работничко предградие на Атина. Неговата младост ја обележале германската окупација и Граѓанската војна во Грција.

Бил левичарски активист, поради што во 1954 година бил уапсен и осуден на четири години затвор. Токму во затворот почнал посериозно да пишува поезија и проза. Подоцна станал и општински советник во Каисаријани, но постепено се разочарал од комунистичката партија и се дистанцирал од неа. По воениот удар во 1967 година повторно бил приведен.

Објавил три збирки раскази, меѓу кои најпозната е „Бидето и други раскази“, во која неговиот стил се движи од социјален реализам кон гротеска, апсурд и црн хумор. Во последните години од животот се борел со рак на бубрезите, кој подоцна се проширил на белите дробови. Починал во 1972 година, на само 41 година, за време на хунтата. 

Неговите раскази често ги претвораат личните и секојдневните искуства во поширока критика на општеството, идеологијата и човечката отуѓеност. Затоа „Бидето“ е многу повеќе од хумористичен расказ за еден човек и неговиот тоалет: тоа е приказна за цената на таканаречениот „напредок“.

****
„Бидето“ (1970)
Мариос Хакас

Се бевме изеле однатре, а не ни забележавме. Онаа луксузна бања, со морско коњче небаре грб на плочките, патка и околу неа пајчиња, лебеди и рајски рипки, лавабо, тоалетна школка, када, бидè, парабидè, сите блескави, подмолно си ја одиграа својата улога, длабоко ни ја изгризаа внатрешноста, како што црвоточината го нагризува дрвото, и сега се чувствувавме шупливи.

Се сеќавам кога првпат дојдов од провинција во Атина и изнајмив соба без тоалет. Секако, во дворот имаше некакoв импровизиран ќенеф, но требаше да се симнеш по една ептен мрачна дрвена скала, која крцкаше и ги креваше сите на нозе. Една дождлива вечер, кога ме фати стомак, се посрав на весник, па убаво го спакував, дури му ставив и панделка, и рано наутро, одејќи на работа, го оставив среде улица. Сигурно се сеќавате на колку такви пакетчиња налетувавте тогаш по улиците. Некои ги шутираа за да откријат што има внатре. Се зборува дека некој дури однел едно такво во полиција, без да го отвори, и барал награда затоа што го нашол. Ете, и јас еднаш направив такво пакетче, и кога ќе се сетам на тоа и по толку години, уште ме фаќа смеа.

Во тоа време бев човек со ведар дух и скромни потреби. Се бричев само двапати неделно, кога се среќавав со една девојка на ритчето, која постојано брзаше да се врати дома. Секогаш фаќаше кривини, а имаше строг брат, со менталитет на Сицилијанец. И јас се оженив со неа. Па, што да правам? Подобро така, отколку секојпат кога ќе задоцнеше да јаде ќотек. Впрочем, тоа му е судбината на човекот, така барем велат. Како и да е, не ми фалеше влакно од глава - и тоа е некаква корист, некаква сигурност. Колку ли само испеглани кошули во првите години, какви чисти пресоблеки, изгланцани чевли, сè под конец, што би се рекло.

Таа имаше и своја куќичка, само една соба, но со голем двор, и малку по малку, со нашите заштеди изградивме кујна и уште неколку соби. Воопшто, напредувавме. Купивме фрижидер, машина за перење и животот стануваше сè покомотен.

Само со тоалетот заостанавме. На дното од дворот, во една барака, имаше турски клозет, кој ме принудуваше секое утро да клечам, иако тоа беше добра вежба, бидејќи инаку не практикував гимнастика. Во бараката имаше и лимен мијалник, кој секое утро го полнев и се миев. Се капевме во корито. Во сабота навечер почнуваше авантурата. Жена ми ме пикаше во коритото и ме триеше додека не ми ја изгребеше кожата. Ако.

Продолжував да напредувам. Додека сè уште бев помошник-сметководител, отплаќав спална соба - тежок мебел со ноќни масички и ламби одозгора, светлосина на мојата страна, розова на страната на домаќинката. Потоа станав редовен сметководител, токму кога ја купивме и онаа мала парцела на рати. Дури засадивме и две-три дрвца, кои на почетокот, по инсистирање на жена ми, секоја недела одев да ги полевам. Потоа и тие се исушија - премногу работа имаше. Веќе бев главен сметководител, платата беше добра и за неколку години куќата беше целосно завршена, освен тоалетот. Тој остануваше како круна на дваесетгодишниот труд.

„Еден ден ќе дојде ред и на тоалетот“, ѝ велев на жена ми, која постојано ми мрчеше. Се жалеше дека секогаш кога доаѓа гостин и сака да оди по нужда, таа умира од срам. А, зошто па беше толку важен тоалетот, кога веќе стигнавме до тука? Последното на списокот. Исто како што за сите работи што ги правиме еднаш во животот се трудиме да бидат што е можно поубави и со мерак, така и за тоалетот презедов сè што беше потребно за да направам нешто навистина убаво: ставив прескапи плочки кои создаваа необична целина со најразлични слики, за да се чувствувам пријатно во тој простор; ги набавив сите неопходни санитарии, се разбира, и биде.

Другите работи не ми пречеа. Нека ги. Имаат некаква намена, а и на возраст на која сме сега, редно е и ние да уживаме во нешто. Само бидето ми ги скина нервите, а потоа и сè друго. Бидето. Затоа што, бидејќи имам запек, а тоа ми стоеше пред очи подолго време, ми се причини дека ми се потсмева со своето издолжено лице, едното око сино, другото црвено, триаголни, поставени високо на челото, а испакнати како на жаба. Устата му беше бездна што голташе сè, со оној ненадеен гргорлив звук кога водата ќе истечеше, како да мрмореше: „Виде ли што направив од тебе? Се сеќаваш ли каков јунак беше кога првпат дојде од селото? Како се заплетка вака, кутриот, цел живот - една куќа? Јас сум твојата награда по дваесет години работа. За да си го миеш газот. Гледаш ли до кое дереџе те донесов?“

Цели дваесет години ме ставија во јарем, и тоа (што е најлошото) по моја сопствена волја, за на крајот да се најдам овде, пред куп бескорисни предмети, барем според мене, или, дури и да се корисни, нека одат во мајчина - не вредат колку онаа работа што се вика живот и младост. Си ги потрошив најубавите години како мравка, р’мбајќи за оваа колиба, конечно градејќи го ова бидè, дваесет години ми проголта неговата дупка, а сега станав исцеден лимон, со лице како суво грозје, за едно бидè, бе!

Со такви мисли го пуштив казанчето, а потоа отидов до прозорецот да вдишам малку воздух и да го слушнам шумот на градот. Од сите страни доаѓаше некаква чудна бучава. Не беше вообичаената врева од автомобилите. Ова беше нешто друго: едно упорно плис-плис ги покриваше сите други звуци. Го наострив увото и сфатив. Целата Атинска котлина се беше претворила во едно огромно бидè, а сите ние бевме седнале врз него и се миевме, се миевме, се миевме, додека стотици илјади казанчиња, излевајќи водопади, му наздравуваа на нашиот напредок.

превод: Букбокс

извор

3 ноември 2026 - 14:38