Филип Колберт е роден во Шкотска а денес живее во Лондон. Често го нарекуваат „кумче на Енди Ворхол“, поради користењето на симболи од масовната современа култура, силните бои и стриповска техника.
Преку своето алтер-его во форма на јастог тој ги истражува баналните артефакти на хипер потрошувачката и ги комбинира со портрети од популарната култура. Разликата помеѓу него и Ворхол е што Колберт е сепак дете на едно ново време, па во своите дела вметнува и емотикони, пикселирани маус курзори и компјутерски прозорчиња.
Во ваквиот современ пристап спаѓа и самото отварање на изложбата кое се одржа вчера, 29.10, во галеријата Saatchi, но само со физичко присуство на роботи. Во ова кратко видео е објаснет начинот на кој тоа функционира - генерално морничаво, но практично. За и роботите да делуваат како јастози додадени им се посебни „клешти“ наместо раце. Присуството на посетителите преку автоматизирана камера која тие самите можат да ја контролираат авторот го споредува со истражување на остатоци на потонат брод во морските длабочини.
Изложбата ќе биде отворена до 29 ноември.