Зградата на „Кур салон“ во бањата Ковиљача во 1932 ја подигнал кралот Александар Први Караѓорѓевиќ, по углед на виенскиот салон со исто име. Но додека во оној виенскиот биле дозволени само масажи, лечење и пиење лековита вода, српскиот многу бргу станал место за забава. Уште при градбата биле планирани сала за танц со 450 места, ресторан со 220 места, два овални и два кружни салона, две летни тераси и простран паркинг. Архитекти биле Драгослав Џорџевиќ и рускиот брачен пар Никола и Олга Краснов.
Забавите биле толку посетени, што не само српските туку и балканските високи кругови не смееле да си дозволат да не бидат видени на нив. Со оглед на престижниот имиџ, музичарите не биле платени, туку тие требало да платат за да свират тука. Ова било место и на првата коцкарница на Балканот, а во Кур салон се одржал и првиот избор за мис на Југославија.
Редовни посетители биле Бранислав Нушиќ, генерални и министри од тогашната влада, како и една од најтиражните пејачки во Европа во тоа време Софка Николиќ, која на подоцнежни години и починала во бањата. Тука е сниман и филмот на Кустурица „Татко на службен пат“.
По многу години негрижа за ова наследство, целата бања сега е реновирана, вклучително и Кур салонот, и од 2018 година работи како конгресен центар и место за организирање свадби и свечености.