Свирете ми бз-бзз, тивко полека

Концерт за бубачки и саксофон

Цикадите се вид инсекти на кои им требаат 17 години да минат од ларва до бубачка. Во САД оваа година се подготвија за наезда на овие прилично иритирачки суштества, кои се множат во милијарди. Но композиторот Дејвид Ротенберг решил нивната инвазија да ја искористи за - музика.

Ротенберг, професор по филозофија и музика на Институтот за технологија во Њу Џерси, со години бил фасциниран од начинот на кој животните употребуваат музички звуци за да комуницираат. До сега на оваа тема има објавено две книги - „Зошто птиците пејат" (2005), според која е направен документарец на Би-би-си под истото име, и „Песна од илјада милји" (2008), за песната на китовите.

Тој потоа почнал да се интересира за светот на инсектите, импровизирајќи на саксофон со цикадите кои ги забележал во Спрингфилд во 2011. Неговата нова книга „Музика на бубачките: како инсектите ни дале ритам и врева" тврди дека ние, луѓето, ги имаме прилагодено нашите концепти на ритам и танц од разните зуења и брмчења на инсектите околу нас. Освен книгата, тој сега издава и ЦД, на кое свири придружуван од неговите шестоножни соработници.

Американците се толку опседнати со феноменот „цикади" што дури и во живо го следат процесот на нивната трансформација, а се водат и прилично сериозни дискусии околу тоа како воопшто се изговара овој збор (сикада, сикејда..). Обидете се да заземете ваков, креативен став, летоска кога ќе покрај некоја вода ќе ве нападнат комарци. Еве, гледајте го Ротенберг како свири и весело си потскокнува меѓу бубачкиве.

 
28 мај 2013 - 08:32