Трејси Емин е Англичанка со кипарско потекло, член на групата позната како Млади британски уметници. Во 1997 го привлече вниманието со делото „Секој со кого сум спиела 1963-1995", шатор во чија внатрешност беа закачени имињата на сите кои таа имала секс или само ја делела постелата од нејзиното раѓање.
Сега е повторно актуелна, бидејќи нејзиното дело „Мојот кревет" тукушто се продаде за 3,7 милиони долари на аукција на Кристи во Лондон, што е огромен скок од претходната продажба на истото дело во 2000, кога Чарлс Сачи го купил за 200,000 долари.
Се работи за нејзиниот вистински кревет и предметите кои го опкружувале во времето кога Трејси била во депресија после неуспешна љубовна врска. Не станувала од кревет четири дена, од кои два не се ни разбудила. А откако станала, наместо да го фрли креветот, одлучила да го претвори во уметничко дело, рамно на љубовен роман.
Тоа се состои од валкани чаршафи, долна облека со дамки од менструална крв, користени кондоми, празни шишиња алкохол и тестови за бременост. Истото било во најтесна конкуренција за престижната награда Тарнер во 1999.
Во интервју за Њујорк Тајмс, Емин изјавила дека кога го поставува креветот за секоја нова изложба ѝ се враќаат спомените од времето кога очајна лежела во него:
„Си помислувам, ова со цигариве, чудно е, затоа што веќе не пушам. Сум немала секс со години, а еве го овој кондом. Боже, има и тампон, а и веќе не добивам". Со волку пари сега може слободно да си купи нов кревет, а богами и чиста постелнина.