„На убавината“
Вака гласи посветата на каталогот-книга поврзан со изложбата „Метаморфоза“ на Сашо Алушевски, која ќе се одржи на 5 декември во 20 часот во Кино Култура. Таа и насловот, навидум неповрзани, прават симболички пар. Убавината е минлива, но не во стандардното значење, дека се раѓа, постои и потоа неповратно исчезнува. Таа е жива, во постојан процес на промена, од јајце, преку ларва и кожурец до ноќна пеперуга; од семе до столетен даб; од ништо до ѕвезда.
Изложбата е инспирирана од една таква убавина во движење - балетски перформанс на Ивана Коцевска под истоимениот наслов. Така, таа всушност станува креативна, двегодишна соработка меѓу уметници од различни области, едниот кој како своја алатка го има телото, и друг, на кого фото-апаратот му е продолжување на истото.
Исклучителноста на оваа изложба е во посебната, ранофотографска техника наречена „мокра плоча“, која користи високо запалив и потенцијално отровен колодиумски раствор, и подразбира неколку чекори, кои мора да бидат изведени во рекордно време. Форматот на фотографиите е исто така нестандардно голем, 130х100 сантиметри.
Спомнатата книга која е интегрален дел од изложбата, ги содржи фотографиите, но и „цртички“ - стихови (на англиски) кои како да ја заменуваат отсутната музика и стануваат музика. Ритамот на прочитаното го оживува танцот прикажан на сликите. Дел од него ќе биде изведен и на самото отварање.
Се пулиме.
ФБ настан тука