Таинствената улична уметница која ја нарекуваат „женски Банкси", исто како и нејзиниот колега, се занимава со субверзивни и политичко-сатирични теми, користејќи спреј и стенсил. За неа прв пат се слушна во 2011, заради нејзиниот графит на Ејми Вајнхаус насловен „Емји Џејд", на кој пејачката е прикажана во жолто фустанче, со за неа типичната фризура. Графитот се појави во лондонски Камден, во близина на домот на Ejми, кратко време по нејзината смрт.
Следната година се појави трибјут на дијамантскиот јубилеј на британската кралица - портрет на младата Елизабета Втора како „кралица баклава" - нацртан во една запуштена улица во предградие на Лондон.
Но освен текстовите по вакви поводи, Бамби е речиси непозната, и покрај бројните славни личности кои изјавиле дека ја почитуваат нејзината работа, од Адел, преку Ријана до Роби Вилијамс. До сега најголемата нарачка ја има направено Бред Пит - портрет на Џастин Бибер за неговиот син Пакс.
Една варијанта вели дека Бамби е всушност светски позната пејачка, и дека заради тоа и има толку пријатели во светот на славните. Една од претпоставките која бргу беше отфрлена е дека се работи за Викторија Бекам, а сега фаворит е М. И. А., британска раперка со потекло од Шри-Ланка, која објави книга со нејзини уметнички дела во 2012, и која го има завршено истото уметничко училиште во Лондон како и Бамби.
Зошто до сега таа не постигнала толку голема слава како нејзиниот колега Банкси? Прво, можеби затоа што е Британка, можеби затоа што е женско. А можеби тоа е нејзина стратегија, постепено да гради име базирано врз тајност, но и нарачки од славни личности.