Кој пее, зло мисли: кога пеењето било забрането

Калвинистичките реформатори во Женева од 16 век ги казнувале луѓето за „неморално“ однесување. На пример за пеење. Кој знае како би им било да знаат дека во моментов во Швајцарија се одвива најголемиот фестивал на песна на Евровизија.

Токму во државата во којашто во моментов се одвива Фестивалот на ПЕСНА на Евровизија, во 16 век сте можеле да бидете казнети доколку потпевнувате некоја мелодија дури и во приватноста на својот дом. 

Во 1542, протестантските реформатори вклучувајќи го и самиот Џон Калвин, ја презеле власта во Женева, претворајќи ја во центар на Реформацијата. Еден од нивните приоритети во деценијата што следела било - искоренување на неморалното пеење.

Калвин длабоко ја почитувал моќта на музиката, опишувајќи го пеењето како вид јавна молитва која може да ги трогне човечките срца и да го воспее Бога. Но истата таа моќ можела да поттикне и зли мисли и дејства. 

„Исто како што виното се сипе во садови преку црево, така и отровот и корупцијата се спуштаат во длабочините на срцата преку мелодија“, напишал Калвин. 

Секако, не било толку едноставно да се искорени нешто што било вообичаена забава за сите слоеви население во Женева. Голем број популарни песни биле означени како „безобразни“ или „скандалозни“. Граѓанско-верскиот суд помеѓу 1542 и 1552 имал полни раце работа, донесувајќи пресуди за стотици случаи кои вклучувале пеење. На пример, бил осуден џентлмен кој пеел со слугата на празникот Марди Гра (Прочка), седум чираци на изработувач на украсни ленти кои пееле заедно како хорче и жена осудена за пеење додека работела низ куќа и во дворот. 

Иако во повеќето случаи конкретната песна не е регистрирана, оние кои што се забележани често имале стихови со сексуална содржина или барем такви инсинуации. Песните често биле етикетирани како музика за танц, а и тој пустиот бил осуден како „порта кон вршење телесен грев“.

Во неколку случаи обвинетите се бранеле дека всушност пееле дозволени песни, што вклучувало не само верски туку и патриотски и песни поврзани со војните. 

Интензивното занимавање со песните и играњето ја рефлектира желбата на калвинистичките власти да создадат граѓански систем на дисциплинирање на моралот. Сепак, документите покажуваат дека колку и граѓаните да биле дисциплинирани и казнувани, тие продолжиле да си го пејат она што им посакувало срцето. 

17 мај 2025 - 10:03