Пили, токмаци и чекани

Кога клавирите ќе стивнат

Нешто кое по завчерашната доминантно тапанарска прослава на независноста може да се случи и кај нас - пад на популарноста на сите останати инструменти. Особено на оние погломазните и скапите за одржување, како старите пијана и клавири.

Националното здружение на мануфактурните производители на пијана од САД велат дека интересот за вака изработените пијана за домашна употреба веќе драматично опаѓа. Иако тоа било забележано уште во триесетите на минатиот век, кога пијаната како единствен извор на музичка забава во домовите почнале да биваат заменувани со радијата, сега нивната употребна вредност е дополнително намалена дури и за пијанистите, кои дома повеќе сакаат да имат електронски клавијатури, кои сосема коректно го симулираат звукот на вистинско пијано.

Освен тоа, на пазарот има и квалитетни пијана, направени во Кина, кои можат да се купат за под 3,000 долари, што го прави трошокот на селење или поправање старо пијано прилично неисплатлива инвестиција. Но дури и отарасувањето од нив е буквално тешка работа. Њујорк Тајмс известува за тоа дека од фирмите за селење сè почесто се бара да наоѓаат чаре за несаканите пијана, кои притоа се сечат со пили, се удираат со токмаци и се кршат со чекани. Со еден збор - греота.

Оние на кои им е жал за нивните пијана како некакво компромисно решение бираат да ги донираат на различни институции, кои пак потоа често не знаат што со нив. На MIT (Massachusetts Institute of Technology) нашле начин како од уништувањето пијана да направат (чудна) забава - на последниот ден од школската година тие фрлаат пијано од покривот на зградата. Оваа година тоа било направено по 40-ти пат. До сега никој не бил повреден. Освен пијаната.

 

10 септември 2012 - 08:38