Роденденска песна

Кога Чаплин се засакал себеси

Чарли Чаплин, роден на денешен ден пред 123 години, кога полнел 70 си напишал роденденска песна. Таа зборува за созревањето, едноставноста и љубовта кон себеси. Само едно нè загрижува: ќе мора да чекаме до 70 за да се засакаме?

КОГА СЕ ЗАСАКАВ СЕБЕСИ

Кога навистина почнав да се сакам себеси,
сфатив дека сум секогаш и во секоја прилика
на вистинското место и во вистинското време,
и дека сè што се случува е исправно -
од тогаш па натаму можев да бидам мирен.
Денес тоа го викам ДОВЕРБА.

Кога почнав да се сакам себеси,
можев да разберам дека емоционалната болка и страдањето
за мене се само предупредувања дека живеам
спротивно на мојата вистина.
Денес знам дека тоа се вика ДА СЕ БИДЕ АВТЕНТИЧЕН.

Кога почнав да се сакам себеси,
престанав да копнеам за некој друг живот
и можев да видам дека сè околу мене
е повик на растење.
Денес знам дека тоа се вика ЗРЕЛОСТ.

Кога навистина почнав да се сакам себеси,
престанав самиот да си крадам време,
и престанав да смислувам грандиозни проекти за во иднина.
Денес го правам само она што ме прави задоволен и радосен,
она што го сакам и што прави срцето да ми се смее,
на мојот единствен начин и со мој личен ритам
Денес знам дека тоа се вика ЕДНОСТАВНОСТ.

Кога навистина почнав да се сакам себеси,
се ослободив од сето она што не е здраво за мене:
храна, луѓе, предмети, ситуации;
и од сето тоа што секогаш одново ме влечеше назад,
подалеку од самиот себе.
Во почетокот тоа го нарекував „здрав егоизам",
но денес знам дека тоа е ЉУБОВ КОН САМИОТ СЕБЕСИ.

Кога навистина почнав да се сакам себеси,
престанав да посакувам секогаш да сум во право,
така помалку грешев.
Денес сфатив дека тоа се вика СКРОМНОСТ.

Кога навистина почнав да се сакам себеси,
се откажав од живот во минатото
и претераните грижи за иднината.
Сега живеам само во овој миг во кој почнува сè
Така денес го живеам секој ден и го викам тоа СВЕСНОСТ.

Кога навистина почнав да се сакам себеси,
го сфатив фактот дека од моите мисли
можам да се вознемирам и разболам.
Но како што се поврзував со моето срце,
умот ми стана вреден сојузник.
Денес таа врска ја нарекувам МУДРОСТ НА СРЦЕТО.

Од денес па натаму,
да не се плашиме од расправии, конфликти
и проблеми со самите себеси и со другите,
затоа што дури и ѕвездите понекогаш се судираат
па се создаваат нови светови.
Денес знам: ТОА Е ЖИВОТ!

16 април 2012 - 13:54