Да, на Амазон навистина можете да си купите оригинална слика, и тоа во одделот за „колекционерски предмети и фина уметност". Една од нив е на пример сликата на Енди Ворхол Hamburger Michael (акрилик од 1980) чија цена е - 1,450,000 долари. Ако ви е за некоја утеха, доставата е бесплатна.
Ваквите продажби предизвикуваат бројни хумористични, дури и цинични коментари од корисниците на Амазон. Таква лавина се случи неодамна кога на сајтот беше понуден оригиналот на Клод Моне, портретот „Дете покрај шоља" (се мисли на шоља за млеко) за цена од 1,4 милиони долари. Еве некои од коментарите кои ги регистрира Слејт. Страницата на Амазон сега е недостапна - сликата веројатно се продала, ама коментарите си стојат.
За сумата која ја платив малку сум вознемирен што не се работи за нова слика. Можат да се видат ОЧИГЛЕДНИ пукнатини и загрижен сум што уметничкото дело имало неколку сопственици пред мене. Можеби ќе го вратам во Амазон доколку можам да исконтактирам со продавачот. 1 од 5 ѕвезди (Stephen M. Walls)
Го нарачав производов во јуни за 1,4 милиони, ама во јули сфатив дека на Target се продава слична слика од Ван Гог за само 800,000, па ја вратив оваа, ама морав да платам 14,99 за рекламација на производот. Смешно!!! (Chris Georges)
Кој би сакал да плати милион долари за слика која е на француски? Па, може ако ги имаш.. (Christopher Kenny)
Ова дело е фантастично дополнување на збирката која ја украсува мојата дневна. Мојата единствена забелешка (и затоа давам само 4 ѕвездички) е што не можев да сфатам како да ја сменам опцијата за број на копии, бидејќи сакав уште една за во купатило. Кога Амазон ќе ја поправи оваа мала грешка ќе бидам среќен да ставам 5 ѕвезди, колку што и заслужува овој производ. (Jason Zhao)