видео

Киборгот кој слуша бои

Нил Харбисон (1982) е современ уметник, музичар и киборг активист. Стана славен откако го доби правото во пасошот да се слика со изумот „ајборг", кој му овозможува да ги нагласи и прошири сопствените сетила на вид и слух, со што практично стана првиот официјално признаен киборг. Ова е неговиот говор на ТЕД.

Нил, син на мајка Каталонка и татко Ирец, бил роден со ахроматопсија, синдром кој му дозволува да гледа само црно/бело. Постојано се облекувал само во црно или бело, а додека студирал уметност му било дозволено да користи само црни, бели и сиви бои. Во 2001 прв пат го привлече медиумското внимание откако за да спаси едно дрво од сечење во центарот на Матаро во Шпанија живееше на дрво неколку дена, по што дрвото преживеа.

Но најголемиот пресврт во неговиот живот е присуството на едно предавање за кибернетика во 2003, после кое тој и говорникот, Адам Монтандон, тогаш само студент, почнале да работат на проектот „ајборг" - колор сензор закачен на главата кој ги детектира феквенциите на боите и ги претвора во звучни фреквенции. По успешно завршениот проект, Харбисон одлучува постојано да го носи ајборгот, а кога Британците не му дозволиле да го обнови неговиот пасош со фотографија со апаратот на глава, тој повел судски спор, за на крај истото да му биде дозволено. Со тоа се смета дека и официјално е признаен како првиот киборг на планетава.

Во овој ТЕД говор тој ја објаснува технологијата зад овој изум, како и неговиот однос кон сопственото „надградено" тело, кое според неговите зборови, на овој начин, со ајборгот, е претворено во музички инструмент. Најинтересниот дел е со „слушањето" на човечките лица. Кој знае како звучи нашето.

3 август 2013 - 09:53