По огромниот успех на „Емилија Перез“ на овогодинешните Златни глобуси, многумина предвидуваат дека Карла Софија Гаскон, која ја толкува главната улога, би требало да биде номинирана за Оскар. Ако и го добие, тогаш таа ќе биде првото трансродово лице кое би се закитило со престижното признание.
Приказната на филмот е атрактивна - мексикански водач на нарко картел најмува адвокатка за таа да му помогне да транзитира во нов живот како жена, да ја лажира сопствената смрт, да ги пресели жената и децата во Швајцарија и да почне нов живот. Промената на полот не е за да се избегне некаква затворска казна или законски прогон, туку поради долго потиснуваната желба на босот Манитас да стане Емилија.
До овој филм Гаскон не беше многу позната. Во родната земја имала помали улоги, меѓу кои и во неколку сапуници. Но вистинскиот подем почнал да се случува кога по наговор на мексиканскиот режисер Хулијан Пастор таа се преселила во Мексико. Во 2018 ја финализирала транзицијата од маж во жена, и ја објавила својата автобиографија „Касија: една исклучителна приказна“, под нејзиното родено име Карло, но најавувајќи го и новиот идентитет на Карла.
Во 2022 се запознала со францускиот сценарист и режисер на „Емилија Перез“, Жак Одијар. До тогаш бил заинтересиран за помлади актери и актерки, и ги барал во Лос Анѓелес и во Мексико за нешто што првично требало да биде опера. Иако била пресреќна, Карла се сомневала во тоа како ќе се снајде во мјузикл бидејќи гласот ѝ бил „расипан“ како резултат на хормонската терапија, а истовремено не се чувствувала пријатно ни за танцување („Секогаш се чувствував како Робокап кога требаше да играм, многу терминаторски“).
На Одијар овие нешта не му пречеле, а наскоро го прифатил предлогот на Карла главниот лик да не транзитира за да се крие, туку поради длабоко интимни причини, какви што биле и нејзините. Таа вели дека знаела уште од четиригодишна возраст дека сака да биде женско. Кога имала 25 се оженила за долгорајната девојка, со којашто е и денес, а парот има и 14-годишна ќерка.
Улогата во Емилија Перез на 52-годишната актерка ѝ донесе награда за најдобра актерка на Канскиот филмски фестивал (која ја подели со нејзините колешки од филмот). По ова следеа реакции од десничарските политичари во Франција, меѓу кои Марион Марешал, член на Европскиот парламент и внука на стариот неодамна починат Ле Пен. Нејзиниот твит гласел: „Значи маж освои награда за најдобра актерка“, за кој Гаскон има поднесено тужба за „сексистичка навреда врз основа на родов идентитет“ (ако го добие случајот парите има намера да ги даде во хуманитарни цели). Секако, ова не е единствениот извор на омаловажување и навреди кои доаѓаат од различни страни. Но истовремено се редат наградите, а филмот е и француски кандидат за Оскар (иако во него не се слуша ни збор француски).