„Сфаќаме дека нема ништо посекси отколку просторија полна со мртви животни", го почнал својот поздравен говор организаторот на „вечерта за возрасни" во Музејот. „Но ве молиме не го правете тоа. Сексот и костурите не одат заедно. Ќе бидете исфрлени".
Иако ова на прво слушање звучи како сосема непотребно предупредување, Ерика Меклистер, „инсектолог" во Музејот, изјавила дека сексот во ваквите институции е многу чест, како помеѓу посетителите, така и помеѓу вработените. Чуварите често мораат да прекинуваат интимни средби, а особено при ваков настан, кој ги содржи сите предуслови за незаборавна сексуална авантура: ноќе е, во јавен простор е, а голем дел од поставките зборуваат токму за репродукцијата - од инсекти до цицачи.
Настанот започнува со заедничка вечера, по што следат предавања и изложби на различни природно-научни теми, за околу 3 наутро да се прогласи „повечерје" и сите да си легнат на полски кревети или во вреќи во големата викторијанска влезна сала. Сето тоа проследено со суптилна жива музика на харфа. Како што известува Кунал Дута од „Индипендент" кој со сопругата ја поминал ноќта на подот на 132-годишната зграда за цена од неверојатни 210 евра (при што шише вода е 2 евра), некои од луѓето дошле со јасен план да си фатат партнер („мора да биде некој гик-шик, привлечен ама да не е свесен за тоа, мора да сака диносауруси"), а други си ја прославувале годишнината од брак. За оние кои не можеле да заспијат од 4-6 наутро биле пуштани Џурасик парк и Арахнофобија.
Настанот завршува во 8 наутро со појадок. А уште шест слични се планирани за 2014. Исти такви се организираат и во повеќе други музеи во светот, веројатно соочувајќи се со ист проблем. Ете идеја и за заживување на нашите, и музеи и други слични институции од јавен тип - ем приход, ем образование, ем зголемен наталитет.