Кларк Кент на стероиди

Како ќе изгледа новинарот на иднината?

Вестта дека Кларк Кент а.к.а Супермен го напушта печатеното новинарство потресе многумина кои сè уште негуваат нежни чувства кон новинската хартија и мирисот на олово. Една новинарка со рубрика за градинарство почнува да се сомнева во својата професија по шокантната постапка на нејзиниот идол. Д-р Остојиќ од booksa.hr повторно има добар коментар - времињата се менуваат, а со него и нашите идоли.

Наместо згоден супер-херој кој прави се во името на правдата и доброто, овој новиот прототип на новинар е „слабичок, ќелав, прост, без посебни моќи, нервозен и зависен од разни опијати“. Денешните идоли на македонското новинарство засега се добро ухранети, имаат надприродни моќи (на спинување), спокојни се и главно со коса. А и печатеното новинарство не изгледа дека замира. Иднината кај нас, и по ова прашање, изгледа доцни.

Драг докторе!

Се викам Ива и новинарка сум. Пишувам прилог за одржување градини претежно со флора. Кога бев помлада сакав да бидам политичка новинарка која разоткрива афери, но завршив меѓу леите со цвеќе. Отпривин ваквата работа ми беше под чест, а потоа сфатив дека дека природниот свет е полн со ситни политички судири помеѓу различните видови и дека имам за што да пишувам! Тукушто завршив текст во кој го критикувам однесувањето на паразитските видови цвеќе во контекст на глобалната економска и еколошка криза. Мое омилено дело е, секако, Цвеќиња на злото, но немам проблеми со таа книга, туку со мојот омилен фитивен херој, Супермен.

Всушност не се изразив баш прецизно: летечкиот човек од Криптон кој поседува ласерски вид и црвен плашт не ми е идол. Мојот идол е оној со теглите, Кларк Кент, пристоен дечко кој се бори за правда по пат на новинарство! Секој пат кога читам стрипови за Супермен, ги прескокнувам овие досадни делови во кои тој се маскира и се впушта во насилни борби. Најмногу ме интересира Кент и неговото храбро, бескомпромисно делување во редакцијата на Њусвик. Малку ме нервира што во текот на работата премногу се оптеретува со некаква генеричка бринета, Луис Лејн, но нека му е, сите знаеме колку може да биде досадно во една новинска редакција.

Но, во овие тешки времиња во кои нема повеќе идоли, кога и цвет му е на цветот месождер (или, што би рекле старите Латини, Flos flori darlingtonia californica est!), и Супермен го загуби главниот квалитет. Имено, во новите броеви на стрипот, Кларк Кент ја напушта редакцијата на Њусвик и почнува некаков свој интернет портал. Блог! Таквите блогови и портали се полни со текстови на блескав екран, ултракратки текстови со некакви 'линкови' на други текстови, кои потоа имаат линкови на трети текстови итд. Од таквите шкарт текстови ме боли глава, и очи, и заби. Но, на такво интернет новинарство полеа минуваат сите сериозни новинари. Сега на него мина и мојот идол Кларк Кент, а во печатеното новинарство ќе остане само цвеќето, голите жени и пола страница рубрика за култура.

Докторе, како да се прилагодам на ова ново време? Каде да пронајдам нов новински идол чии текстови нема да бидат само постови на Твитер? Помагајте!

ОДГОВОР

Почитувана Иван!

Прво би сакал да го изразам личниот восхит од вашата колумна. Купувајќи хортензии за сопругата наидов на ваш текст и од тогаш сум верен пријател на вашата цветна колумна. Драго ми е што ми се обративте токму мене, иако не ми е драго што страдате од дури два проблема! 

Првиот се интернет текстовите. Иако лаиците повлекуваат остра граница помеѓу книжевноста и новинарството, лекарската пракса покажува дека читањето новински текстови има подеднакво лоши последици по читателите како и оние книжевните. Секако дека би ве предомислувал од преминување на нет новинарство, бидејќи последните истражувања покажаа дека читањето на интернет колумна од две шлајфни е подеднакво нездраво како пушење две пакла цигари!

Вториот проблем е читањето суперхеројски стрипови кои промовираат невкусно облекување и неодговорно однесување. Да речеме, Супермен носи шарени крпчиња, а секој пат кога ќе направи грешка може да го врати времето и да ја исправи работата. Доколку обрнете внимание на шарено облечената и лекомислена младина околу нас, ќе ја сфатите сторената штета.

Прашањето е: како да се врати вербата во идолот на печатеното новинарство? Треба да се пронајде нов лик, но поради вашата ранлива состојба, притоа не смеете да го менувате медиумот. Оттаму би ве упатил на стрипот Transmetropolitan на Ворен Елис кој зборува за Спајдер Ерусалим (правен според урнекот на ликот и делото на Хантер С. Томпсон - заб. прев), новинарот на иднината. Спајдер е во многу нешта инаков од Супермен: слабичок е, ќелав, прост, без посебни моќи, нервозен и зависен од разни опијати. Со Супермен дели склоност кон насилство и бескомпромисна предаденост кон новинарската мисија на разоткривање на вистината. Спајдеровата иднина е потенцирана реалност: луѓето се опркужени со екрани, со најлоша можна орупција и етички крајно сомнителен развој на науката. ВО еден таков свет, Спајдеровата колумна (која функционира и како новински текст, но и како фиктивен текст внатре печатен стрип) ќе ни стане новиот идеал.

Секако, како што гледате според опскурниот лик на Спајдер, и овој стрип е причинител на цела низа нуспојави и проблеми. Сфатите го, оттаму, како помало зло од стрипот за Супермен, и јавите ми се за една недела, за да ги ублажиме симптомите од читањето на новиот стрип.

д-р Остојиќ 

29 октомври 2012 - 08:58