Бернлинер ансамбл, театарска група која функционира во зградата од 19 век Театер ам Шифбауердам, сподели слика на својот Твитер профил за на своите редовни посетители да им даде идеја за искуството кое треба да го очекуваат кога театарот повторно ќе се отвори.
Отстранети се 70% од седиштата во аудиториумот, а оние кои се останати се распоредени или поединечно или во парови, со тоа што секој втор ред е празен.
Ваквото отварање ќе се случи (ако се случи) дури во септември, а Оливер Рис, уметнички директор на групата вели дека на овој начин целиот простор делува како некаква уметничка инсталација. А ако има некоја утеха во сево ова, тоа е дека оние седишта што се останати се многу попристапни од обично.
Но ова не е сè. Гледачите сепак ќе мора да носат маски додека стигнат до седиштата, билетите ќе бидат проверувани бесконтактно, а редарите во салата ќе внесуваат помали групи, по шест луѓе, што значи дека целата публика ќе треба да пристигне во театарот порано од вообичаено. Како и да е, директорот ветува дека актерите и целиот персонал ќе работат посветено и за 200 луѓе, исто како и за вообичаените 700.
Засега од нашите театри нема соопштение дали и под кои услови би се отвориле на есен.