„Многу забавен“, „суштински информативен визуелен прирачник за уметноста на пцуењето“ - вака ја оценува критиката „Како да пцуеш: илустриран водич“ на Стивен Вајлдиш која излезе во средината на 2018. Таа е полна дијаграми, таблици, објаснувања и стратегии за усовршување на оваа јазична вештина. Истовремено, нуди и етимологија и историја на некои од навредите и пцостите, но и хиерархиски ги подредува по безобразност.
Како со само еден збор или фраза да изразите лутина, изненадување, возбуда, грозење? Ако станува збор за глагол, како коректно да го менувате по глаголски времиња? На „срање“, на пример, му е доделен добар дел од книгата, со оглед на неговите бројни употреби во англискиот. Така „чикен шит“ се употребува во значење на кукавичлук, „дог шит“ во значење на ѓубре или глупост, „булшит“ за бесмислици (исто како и хорсшит), а „ејпшит“ за лутина. Оттаму „ејпшит дог“ би било бесно куче, а „догшит ејп“ некој беден примерок на мајмун.
Глаголот „ту шит“ пак дијаграмски е претставен во сите времиња, на пример одамна минато, минато свршено, сегашно, сегашно трајно, идно. Онаму каде е применливо, се нагласува разликата помеѓу британските и американските пцости и навреди, како на пример ass, што во Британија значи магаре. Важен е и правописот, па не е сеедно дали ќе напишеш Know your shit, или Know You're shit.
Ваков водич за македонската ризница навреди би требало да се дава бесплатно со секој купен мобилен или компјутер, за пцуењето и навредувањето на социјалните мрежи барем да биде „на нивоу“.
Претходно: Анти-стрес боенка за возрасни со пцовки