Сите кои пишуваат „убава" литература, знаат колку е тешко да се седне и да се напише нешто читливо, издржано и да, убаво, и тоа така да се прави во континуитет, секој ден по неколку часа, за во разумен рок да резултира со книга раскази, збирка поезија или роман.
NaNoWriMo е еден од начините да ја надминете осаменоста на чинот и да се утешите споделувајќи ги писателските маки со колегите по перо, па така мотивирајќи се едни со други навистина да ја завршите работата наместо уште неколку години да зјаете пред празниот екран.
Керолин Келог, уредничка на рубриката за литература на Лос Анџелес Тајмс, и самата писателка, дава еден одличен совет за сите писатели-намерници, и оние во проектов, а и воопшто. Само една реченица:
ТРГНЕТЕ СЕ ОД ИНТЕРНЕТ!
Уште сте тука? Добро.
Малку е контрадикторно да им се советува нешто вакво на луѓе кои формирале некаква пишувачка заедница токму благодарение на новите технологии, која функционира веќе 13 години и во 2011. вклучуваше 256,618 учесници од кои 36,843 во проектот влегле како автомеханичари, невработени актери, професори по англиски, а излегле како романописци.
Ок, вели Керолин, отидете на сајтот на проектот. А после тоа...
ТРГНЕТЕ СЕ ОД ИНТЕРНЕТ!
„Не кликајте на Фејсбук. Не ви требаат сите тие слики од бебиња во Хелоуин костими. Сакате да се потсетите дека треба да појдете на караоке роденден следната недела? Не. Вие не можете да одите, затоа што треба да пишувате. И сите тие забави кои сте ги пропуштиле затоа што сте пишувале? Подобро не се измачувајте гледајќи како супер си поминале другите.
Имате пријатели и семејство кое страда заради Сенди? Добро, ако имаат интернет комуницирајте со нив. Но не дозволувајте да ве повлечат сите тие известувања за уништувањето - штетата ќе се проценува уште долго време. Во моментов не мора да ги знаете баш сите детали.
Престанете да отварате Твитер. Знаете колку често луѓето твитаа во врска со #nanowrimo на 1. ноември? Еден на секој пет секунди. Тоа се 720 твита на час, 17,280 на ден. Ако сте ги прочитале сите, колку време сте загубиле.
ТРГНЕТЕ СЕ ОД ИНTЕРНЕТ!
Го сакам интернетот. Го сакам проектот - еднаш почнав, но не го завршив. Се обидов: воспоставив нови рутини кои му дадоа предност на пишувањето, не се секирав за готвење и перење, ги одложив социјалните обврски. Па сепак, се издишав. Бидејќи да напишете 50,000 зборови во полу-кохерентни реченици во само 30 дена со ликови и дијалог и заплет и почеток, средина и крај - тоа е тешко. Ќе биде многу, многу напорно и нема време за губење. Значи...
ТРГНЕТЕ СЕ ОДИ ИНТЕРНЕТ!" - заклучува Келог.
Уште сте тука?