Четворицата чешки државјани беа уапсени на аеродромот во Сао Паоло во февруари годинава, откако кај нив биле пронајдени повеќе од сто кактуси и околу две илјади семиња. Растенијата потекнувале од бразилската држава Рио Гранде до Сул, област позната по својата исклучителна разновидност на кактуси, од кои многу видови не постојат никаде на друго место во светот.
Иако обвиненијата се сериозни, дел од чешката заедница на љубители на кактуси тврди дека станувало збор за научна експедиција и дека растенијата биле собирани за истражувачки, а не за комерцијални цели. Но ова и не е прв ваков случај.
Приказната за чешките „ловци на кактуси“ започнува уште на почетокот на дваесеттиот век со Алберто Војтех Фрич (на сликата горе). Роден во богато и влијателно семејство, тој уште како млад се вљубил во кактусите. Откако неговата прва голема колекција била уништена од студена зима, заминал во Јужна Америка во потрага по нови видови. Иако немал формално ботаничко образование, станал прочуен истражувач, организирал осум експедиции во Америка и открил бројни нови видови кактуси.
Неговото име денес има речиси легендарен статус во Чешка и Словачка. Највисокото признание што го доделува Чешко-словачкото друштво на љубители на кактуси дури го носи неговото име – „Златен Алберто“.
По Втората светска војна и особено во времето на комунизмот, кактусите добиле уште едно значење за многу Чеси. Далечните пејзажи на Мексико и Јужна Америка станале симбол на слободата и бегството од ограничувањата на железната завеса. Оранжериите полни со кактуси за многумина претставувале мал простор на лична слобода.
Изолацијата од светските пазари ги натерала чешките колекционери да развијат исклучителни вештини за одгледување и размножување на ретките растенија. По падот на комунизмот, многумина конечно отпатувале во земјите од кои потекнувале нивните омилени кактуси. Некои собирале семиња, други барале нови видови, а имало и случаи на нелегално вадење цели растенија од природата.
Многу колекционери признаваат дека дел од нивните активности биле незаконски, но веруваат дека со тоа всушност помагаат во зачувувањето на видовите. Нивната логика е дека е подобро мал број стручни и посветени луѓе да соберат семиња, да ги размножат и да ја задоволат побарувачката, отколку ретките растенија да бидат уништени од масовно криволовство.
Авторите што го истражуваат овој феномен ги нарекуваат овие луѓе „конзерватори во стилот на Робин Худ“ – личности кои веруваат дека прекршувањето на правилата понекогаш служи за повисока цел.
Но апсењата во Бразил покажуваат колку е проблематично ваквото размислување. Дури и искусни колекционери, кои добро ги разбираат опасностите за природата, можат да придонесат за исчезнувањето на ретките видови. Побарувачката за диви и ретки растенија и натаму е голема, а на пазарот постојат купувачи подготвени да платат високи суми за примероци собрани директно од природата.
Експертите сметаат дека решението не лежи само во забраните. Наместо тоа, потребно е да се развие легална и регулирана трговија со кактуси, која би им носела корист на локалните заедници и истовремено би ги штитела природните живеалишта.