„Честитки за новата библиотека, затоа што таа не е само библиотека. Таа е вселенски брод кој ќе ве одведе до најдалечните катчиња на Универзумот, временска машина која ќе ве врати во далечното минато или ќе ве катапултира во далечната иднина, наставник кој знае многу повеќе отколку човечко суштество, пријател кој ќе ве забавува и ќе ве теши - и најмногу од сè, портал кон подобар, посреќен и покорисен живот“.
Вака напишал во 1971 познатиот научно-фантастичен автор Исак Асимов, по повод отворање нова библиотека во Трој, Мичиген. Вкупно 97 писатели испратиле писма по овој повод, кои можат да се прочитаат тука. Скенирани во оригинал, а испраќани од политичари, универзитети, автори и сродни институции, тие се главно насловени до „децата на Трој“ или „момчињата и девојчињата на Трој“. Најсимпатичното е од славниот автор на детски книги, Др. Сус.
Асимов, кој освен што се занимавал со книжевност бил и професор по биохемија на Бостонскиот универзитет, многу сакал да пишува писма - се проценува дека напишал повеќе од 90.000 (?!) во текот на својот живот.