Исто како да сте на Бродвеј: Си-ен-ен ќе ја пренесува во живо претставата на Џорџ Клуни „Добра ноќ и со среќа“

Во март во театарот Винтер гарден во Њујорк, Џорџ Клуни ја постави својата претстава направена според истоимен филм кој го режираше во 2005. Дваесет години подоцна, таа ќе оди на телевизија во историски пренос. Планирајте ја сабота, 7 јуни во 1 наутро. 

Си-ен-ен ексклузивно ќе ја пренесува претставата „Добра ноќ и со среќа“ во сабота, 7 јуни, што е прв пат американска телевизија да пренесува претстава во живо. Истата премиерно се прикажа во март во театарот Винтер гарден на Бродвеј и од тогаш ги сруши рекордите на посетеност. Ко-автори на текстот се Клуни и Грант Хеслов, а режијата е на добитникот на наградата Тони, Дејвид Кромер. 

Шоуто е адаптација на истоимениот филм кој го режираше Клуни во 2005, базиран на делото на ветеранот-новинар Едвард Р. Мароу. Филмот и претставата зборуваат за неговите искуства со републиканскиот сенатор Џозеф МекКарти во текот на сенаторовата антикомунистичка кампања. Во филмот Клуни го играше Фред Френдли, соработникот на Мароу и предводник на неговиот тим, но во претставата го игра самиот Мароу. 

„Добра ноќ и со среќа“ ќе биде стримувана во живо без потреба за логирање преку сајтот, ТВ станицата и мобилните апликации, што (ако добро сфаќаме) значи дека ќе може да се гледа и кај нас со почеток во 1 наутро по македонско време. 

„Си-ен-ен е вистинското место за да се пренесе оваа приказна којашто зборува за храброст на поединецот. Така таа ќе стигне до многу повеќе луѓе отколку што се надевавме. Во живо на телевизија. Врзете се!“, изјави Клуни по повод настанот. 

Преносот се случува во време кога Трамповата администрација почнува со напади врз медиумите, забранувајќи присуство на Асошијетед прес на некои од настаните на претседателот и обидувајќи се да им ги скрати фондовите на јавните медиуми како Ен-пи-ар или Пи-би-ес.

16 мај 2025 - 18:51