Во 1939 Игор Стравински емигрирал во САД, најпрвин пристигнувајќи во Њујорк а потоа населувајќи се во Кембриџ, Масачусетс, каде предавал на Харвард во текот на академската 1939-1940.
Додека живеел во Бостон, композиторот диригирал со тамошниот симфониски оркестар. Во еден момент решил да издиригира негов сопствен аранжман на американската химна, што наводно го направил „за да даде сво придонес во тешките времиња кон зачувување и поттикнување на духот на патриотизмот во оваа земја“. Датумот е јануари 1944, а секако притоа мислел на американската улога во Втората светска војна.
Како што може да се очекува, неговата верзија не била баш конвенционална. Бостонската полиција, која немала баш авангарден сензибилитет, му издала предупредување, сметајќи дека е противзаконско човек да чепка во химната (иако таков закон не постоел, но тоа било нивното толкување). Со мрчење Стравински ја извадил од програмата.
Долната верзија на аранжманот ја изведува Лондонскиот симфониски оркестар, а диригент е Мајкл Тилсон Томас. Иако во видеото има затворска фотографија на Стравински, тој сепак не бил уапсен како последица на настанот.