И ти викам сестро слатка: жените кажуваат 3000 зборови повеќе дневно во споредба со мажите

Значи нема врска. Што све нема на интернет да извадат. Демек збореле жените повеќе. Имав шефица една, збор не можеше да ѝ извлечеш, само со „да“ и „не“. Све у најубаво се облекуваше, држеча жена, опасна. Еднаш така влегувам кај неа во канцеларија...Ааа, за студијава? Добро бе, ќе биде.

Стереотипот дека жените се помуабетџики од мажите постои во многу култури. Во 2007, студија спроведена од страна на Универзитетот во Аризона го отфрли ова тврдење, со тоа што заклучи дека мажите и жените кажуваат по речиси ист број зборови дневно - околу 16.000. Но нова, многу поголема последователна студија прикажува понијансирана слика, сугерирајќи дека жените се позборливи. Со фуснота: само во одреден период од животот. 

Студијата е објавена во Journal of Personality and Social Psychology.
Истражувачите заклучиле дека жените помеѓу 25 и 65 кажувале во просек околу 3000 зборови дневно повеќе од машките во истиот период од животот. Во другите возрасни групи не се појавиле значајни родови разлики (10-17, 18-24 и 65 нагоре).

Генерално, истражувачите откриле дека луѓето зборуваат сè помалку, заклучок кој е веројатно поврзан со зголеменото потпирање на дигиталната комуникација. 

Во спомнатата студија од 2007, психологот Матијас Мел ја тестирал вообичаената претпоставка дека жените се позборливи од мажите, преку анализа на податоци собрани од 500 мажи и жени кои носеле преносни апаратчиња за снимање (ΕΑR - Еlectronically activated recorder). Користејќи ги овие аудио фајлови, тој развил проценки за бројот на зборови кажани по лице на ден. По објавувањето на резултатите во списанието „Сајнс“ студијата се појави во наслови на ударни вести. Но таа наиде на критики поради своите ограничувања - речиси сите нејзини учесници биле на студентска возраст и сите живееле во ист град (Остин, Тексас).

18 години подоцна, истиот тој Мел и неговите соработници се обиделе да ја реплицираат студијата, но овој пат со многу поширок опсег учесници. Сега станува збор за 630.000 снимки од 22 одделни студии спроведени во 4 земји, со тоа што учесниците се на возраст од 10-94 години. Станува збор за 2197 поединци, четири пати повеќе отколку во оригиналната студија. 

Сега веќе родовата разлика била очигледна и тоа во една група, оние од 25-64, која отсуствувала во оригиналната студија со студентите. Ако жените во оваа група кажувале во просек 21.845 зборови дневно, за мажите таа бројка била 18.570.

Претпоставката зошто разликата се појавува во оваа возрасна група е дека тоа е време кога жените вообичаено имаат и растат деца, што значи и повеќе комуницираат со нив и со партнерот. Дека разликата се должи на социјални, а не на биолошки предиспозиции (како хормони) покажува тоа што кај тинејџерите ваквата разлика е незначајна. 

Интересно е дека најмалку зборливиот маж (баш би сакале да го запознаеме) кажувал само 100 зборови дневно. А најзборливиот во студијата, кој значајно го качува просекот во својата група, е некој што кажувал дури 12.000. И е - маж.

4 февруари 2025 - 17:09