И тетоважите сега се „културолошко крадење“

„Моко“ не е обична тетоважа на лице. Тоа е симбол на Маорите од Нов Зеланд, на нивниот идентитет и историја, и знаковен систем кој укажува на припадноста на род и статус во групата. Што се случува кога бела жена ќе си ја тетовира брадата со ваков цртеж?

Бела жена од Нов Зеланд, која нема маорско потекло, предизвика контроверза откако во јавноста се појави нејзина фотографија со „моко“ на брадата. Се работи за Сели Андерсон, една од оние „лајф коуч“ (како и да се преведува тоа кај нас, тренер за тоа како да живееш?). Всушност тату-то ѝ е од пред 12 години, а го направила како симбол на она што го поминала во младоста, вклучително и и силување во тинејџерските години. На нејзиниот сајт пишува дека едноставниот дизајн на тетоважата „ја објаснува трансформативната работа којашто ја врши Сели“.

Маорецот кој ја направил тетоважата изјавил дека имал „големи резерви“ во врска со целата работа, но по долго размислување сфатил дека единствената причина заради која би можел да ја одбие била нејзината раса. А тоа, нели, е дискриминација. И тоа не е добро.

Од друга страна професор на Универзитетот Ваикато по име Те Кауту Максвел, Маор по потекло, е исшаран по целото лице. Тој вели дека моко-то е значаен симбол на пост-колонијализмот и последен бастион на овој народ да ја брани својата различност. „Тука ја исцртуваме линијата“, велат оние кои ја напаѓаат Андерсон за културолошко присвојување и користење на татуто за брендирање на бизнисот.

Додуша и меѓу Маорите има малку полиберални, како водачот на племето Нгапуи, кој за телевизиско шоу изјавил: „Таа си платила за тетоважата. Брадата си е нејзина и ако сака да шета со цртеж на лицето, тоа си е нејзина работа“.

Сепак, најголем бранител на Андерсон е нејзиниот сопруг, Маор со целосно „моко“ на лицето. Неговиот аргумент - „таа е поголем Маор од многумина од вас што се буните, затоа што срцето ѝ е чисто - не судете за некого кого го немате запознаено“.

Претходно:

Во одбрана на културолошкото присвојување

Балканско културолошко присвојување