Penny Lane is in my ears and in my eyes
There beneath the blue suburban skies...
Улицата Пени (Пени Лејн), која била инспирација за славната песна на Битлси, може да биде преименувана доколку се потврди наводната врска на нејзиното име со она на трговец со робови од 18 век, изјавил градоначалникот на Ливерпул.
Минатата недела знаци на улицата биле вандализирани, откако се пронел глас дека таа била наречена според Џејмс Пени, трговец и сопственик на бродови со робови кој бил гласен противник на укинувањето на ропството во Англија. До скоро се верувало дека улицата се вика Пени според патарина која се плаќала во ситни парички.
Џон Ленон и Пол Макартни во 1967 биле инспирирани да ја напишат песната од носталгијата по детските денови, бидејќи точно оваа улица била дел од нивниот пат до и од училиште. Денес таа често се посетува од туристи кои се сликаат покрај знаците на кои е името на улицата. На еден од нив, покрај графити на посетителите, има и потпис на Пол Макартни.
Дел од жителите, кои се обиделе да ги исчистат спрејот и натписите „расист“, велат дека Џејмс Пени навистина бил сопственик на робови, но дека тој нема никаква врска со улицата. Вандализирањето за нив е „идиотски чин“, и дека „ако некој сака нешто да отстрани има друг начин“.
Истовремено, градските власти на Бристол изјавија дека ќе го сменат името на локалната музичка сала Колстон, именувана според уште еден трговец со робови Едвард Колстон. Тие веќе ги отстраниле буквите од влезот на зградата.
Aкој појдете на видеото за песната на Битлси на Јутјуб (со патем 90 милиони прегледи!) коментарите се неверојатни. Меѓу другото - зошто имало еден црн коњ помеѓу три бели во една од сцените...