Хуманитарните акции на јапонската мафија

 Јапонија доживеа тежок финансиски колапс во раните 1990. Овој настан доведе до пад на БДП, хаос на берзите, стагнација на платите и губење на глобалната предност на познати компании како Сони, Панасоник и Тојота, кои почнаа да заостануваат зад новите кинески и корејски конкуренти. Сето ова влијаело врз реакцијата на властите на големиот земјотрес од 1995, кога инаку озлоглосените јакузи стапуваат на хуманитарна сцена.

1990-тите во Јапонија се познати како „Изгубената деценија“, а терминот често се проширува и вон овој период, бидејќи многу сектори подолго време не биле закрепнати од кризата. Токму поради политичката нестабилност, одговорот на владата на катастрофалниот земјотрес во Кобе во 1995 година – познат и како Големиот Ханшин земјотрес – бил многу слаб. Владата не успеала навремено и соодветно да испрати помош во најпогодените подрачја, вклучително и самиот град Кобе, каде погинале над 4.600 луѓе.

На сцена стапуваат јакузите, поточно бандата Јамагучи-гими, која имала седиште токму во Кобе. Тие веднаш започнале со дистрибуција на топли оброци од своите простории, патролирале по улиците за да спречат грабежи и ги користеле своите ресурси – вклучително и чамци и хеликоптери – за да стигнат до изолирани делови од градот. Еден од водачите на овие напори бил Тошио Масаки, кој подоцна (во 2013) ќе биде санкциониран од САД поради обвиненија за трговија со дрога и перење пари.

Шеснаесет години подоцна, во 2011 година, друг разорен земјотрес ја погодува источна Јапонија, предизвикувајќи огромно цунами, кое уби речиси 20.000 луѓе и предизвика штета од околу 199 милијарди долари. Повторно, јакузите стапуваат на сцена. Тие мобилизираат хуманитарна помош - вода, батерии, пелени. Овојпат главниот организатор биле Инaгава-каи, третата најголема јакуза група во Јапонија. Јамагучи-гими повторно помагале, но овојпат многу подискретно. Еден член на бандата за американските медиуми изјавил дека сакал нивната помош да остане незабележана, за да не биде одбиена само затоа што доаѓа од мафијата.

Реакциите во јавноста биле поделени. Некои луѓе биле трогнати од гестот, верувајќи дека членовите на јакуза, со тоа што се самите маргинализирани, покажувале сочувство кон оние изневерени од властите. Други биле сомничави, сметајќи дека ова било само купување поени во очите на јавноста на инаку девијантните и насилни групи. Без оглед, факт е дека јапонската мафија - на многу јапонски начин - се ангажира за заедницата во вонредни околности, за потоа да си се врати на вообичаените активности. 

12 јуни 2025 - 17:08