Хрватската дијаспора ги тужи Дилан и „Ролинг стоун“

Организацијата Хрватски светски конгрес, која го обединува хрватското иселеништво, наскоро пред судот во Париз ќе почне судски процес против американскиот музичар, но и против списанието кое ја има објавено неговата спорна изјава.

Станува збор за мега-интервјуто за кое веќе пишувавме, во кое Боб наводно го споредува хрватскиот народ со „Ку Клукс кланот и со нацистите". Хрватите кои живеат во Франција веднаш по неговото објавување поднеле кривична пријава против него заради поттикнување расизам и омраза кон хрватскиот народ. Освен Дилан тужен е и издавачот. 

„Судот во Париз сега ја прифати нашата тужба како основана, и ќе им суди на Дилан и на Ролинг стоун, односно на сопственикот и на уредникот на списанието. Судот бара Дилан да биде присутен во текот на рочиштето, и покрај фактот што живее во Америка, но не знаеме засега дали тој ќе дојде лично или ќе ополномошти адвокат. Во секој случај сопственикот на списанието живее во Франција и тој ќе мора да дојде на суд. Пресудата која потенцијално би била изречена може да биде доста строга, а особено за Дилан бидејќи тој е главниот во приказната“, изјавил претставник на Претставничкото собрание на институциите и заедниците на Хрватите на Франција за Слободна Далмација .

Она што го бараат тужителите не е материјална отштета, туку јавно извинување на Дилан за она што (наводно) го кажал за Хрватите. Имено, на прашањето дали може да ги спореди САД денес со оние од 1860., тој го изјавил следново (oригиналот тука):

„Земјата е еб*но опседната со расата. Тоа го одвлекува вниманието. Луѓето се малтретираат едни со други само затоа што имаат различна боја на кожата. Тоа е врв на лудило и тоа кочи цела нација или цело маало. Црнците знаат дека некои белци не сакале да се откажат од ропството - дека да е до нив црнците се уште би биле во пранги, и тие не можат да се преправаат дека не го знаат тоа. Ако имате некаков робовладетел или припадник на Кланот во вашата крв, црнците ќе го осетат тоа. Целава работа трае и денес. Исто како што Евреите можат да намирисаат нацистичка, а Србите хрватска крв." 

22 ноември 2013 - 16:20