Интервјуто од кое беа достапни делови за кои веќе пишувавме, но беше објавено во целост завчера (27.09) содржи некои чудни моменти. На пример тврдењето на Дилан дека животот и музиката му се смениле по моторџиска несреќа од 1966., затоа што тогаш прочитал книга за Hells Angels во која некој тип со исто име како неговото (Боби Цимерман) исто така имал несреќа со мотор и починал, па тогаш нашиов Боб се „трансфигурирал" - од материјално преминал во духовно битие, бидејќи сфатил дека „стариот" Боб е мртов. Или она „плачковци и пизди" за оние кои ги нарекуваат неговите „позајмувања" на туѓи стихови плагијат. Или забелешката дека Обама е добар претседател затоа што ја сака музиката и добро се облекува. Ама сето ова не е скандалозно, какво што се покажа споредувањето на Хрватите со нацистите.
Контекстот е темата на ропството и граѓанската војна во САД: „Земјата е еб*но опседната со расата. Тоа го одвлекува вниманието. Луѓето се малтретираат едни со други само затоа што имаат различна боја на кожата. Тоа е врв на лудило и тоа кочи цела нација или цело маало. Црнците знаат дека некои белци не сакале да се откажат од ропството - дека да е до нив црнците се уште би биле во пранги, и тие не можат да се преправаат дека не го знаат тоа. Ако имате некаков робовладетел или припадник на Кланот во вашата крв, црнците ќе го осетат тоа. Целава работа трае и денес. Исто како што Евреите можат да намирисаат нацистичка, а Србите хрватска крв."
„Колку и да го ценам Дилан, не можам да се согласам со ова негово генерализирање, кој и да е негативецот, Хрватите или Србите. Во изјавата мисли на белите Американци, но сепак не ги именува така. Исправно ги спомнува „нацистите", а не како што некогаш се велеше навредливо „Германците". Тука е многу прецизен, затоа што не биле сите бели Американци расисти, ниту пак сите Германци биле нацисти. Ако веќе ја прави таа разлика, требало да ја направи и во случајот на Хрватите - реагираше за Јутарњи лист хрватскиот историчар Хрвое Класиќ.
Но не се сите Хрвати така фини - Дилан вчера (петок) не беше пуштан на Хрватското радио, иако неговиот нов сингл "Duquesne Whistle" е актуелен хит на неделата. А се редат и коментари на хрватските сајтови кои ја пренесоа оваа вест. „Дилан е злобен прч", вели еден од нив, а друг додава „нема веќе куни преку ЗАМП, има да свириш малку под мостови мој побратиме Дилане, за леб и јогурт, па да видиш што значи да се заебаваш со Хрватите". Ние пак би му платиле да нè спомне, ама под уставното име.