Масер не е вклучен

„Хемингврајт“ и други алатки за пишување на раат

Во продолжение на нашата серија написи посветена на комбинирањето на механичките направи за пишување и нивните современи еквиваленти, еве уште две такви. Нивната цел: да направат додека пишувате да се забавувате, ама и да бидете ефикасни.

Хемингврајт е машина за пишување која ја комбинира едноставноста на „ворд процесорите" од 1990-тите со модерната технологија. Има меморија од над 1 милион страници, батерија која трае повеќе од 6 недели, тактилноста ѝ е на високо ниво, синхронизирана е со апликации за складирање на напишаното на сигурно место (на некој „облак“) и има убав ретро-модерен дизајн. Бежичната интернет врска служи само колку да се овозможи преносот на податоци, но не можете да праќате мејлови или да играте Енгри брдс. Машината едноставно сака да ви каже: „Седи и пишувај!“

Следна на списокот е машина за чукање која ќе ви се допадне ако го сакате веројатно најхејтаниот фонт на сите времиња, или ако сте генерално откачени. Дизајнерот Џес Ингланд е изумител на нешто што се вика Sincerety Machine (Машина на искреноста). Тој зел една класична машина за чукање од 1970-тите и ги заменил постоечките букви со ласерски гравирани Comic Sans фонтови. Искреноста од насловот се однесува на оние кои немаат искуство од областа на графичкиот дизајн и обично го користат токму овој фонт, и таму кадешто тој „лежи" и таму кадешто не му е местото - посегнувањето по него е искрено признание дека толку знаат.

Сè е убаво во врска со овие машини, ама врвот за нас ќе биде постигнат кога во пакет со нив ќе оди жив масер/ка, кој заради запазување на ретро-ефектот може слободно да биде облечен и како од седумдесетите. За опасноста од тоа да се згрбавиш додека пишуваш бил свесен и самиот Хемингвеј, кој најчесто пишувал - стоејќи.

22 октомври 2014 - 08:54