Нов проект на Њујорк Тајмс

Хаику вести

Њујорк тајмс објави дека започнува нов проект - сајт на кој вестите на денот ќе бидат во форма на хаикуа. Иако информацијата излезе на 1. април, изгледа дека работата е сериозна.

Архитектот на софтверот на Њујорк Тајмс, Џејкоб Харис, е креативен тип, кој до сега беше познат по креирањето на мистериозниот Твитер спамбот @Horse_ebooks, кој твиташе апсурдни фрази собрани случајно од интернет, како и линкови од сајтови со спам. Од чудни причини тој стана хит, со над 74,000 следачи.

Истиот тој Харис сега создал алгоритам кој ги претвора во хаикуа сториите кои излегуваат на NYTimes.com. Како функционира ова подобро ќе ви објасни наш Небојша, ама колку што сфаќаме програмата пребарува „хаику-френдли" зборови и потоа ги структурира во стандардна хаику песничка, со три стиха од по пет, седум и повторно пет слогови.

Харис бил инспириран од Haikuleaks, сличен проект кој бараше поезија во дипломатските преписки објавени од Викиликс во 2010. 'Рбетот на тој проект беше софтвер со отворен код, наречен Haiku Finder, кој „копа" низ текстот за да генерира хаикуа.

Резултатот е по малку чуден но и прилично корисен - вака претставени вестите ја допираат суштината на приказната, или пак служат како некакви „тизери" за да се прочита целиот текст.

Лекси Мејленд, уредничка за социјални медиуми за Тајмс, изјавила дека сака песните да се читаат самите по себе и лесно да се споделуваат. Затоа тие се всушност слики, што се вклопува во естетиката на Тамблер. Вон Тамблер, Тајмс ќе ги промовира овие хаикуа преку својот Твитер профил, што сега е олеснето и заради новите редови кои тој ги воведе неодамна.

Еве некои од хаикуата од сајтот (без структурата 5-7-5)

„Испив две сливови,
убеден дека сме се вратиле
назад во времето"
Балкански ветувања: искачување по албанските Алпи

„Не се трудам
да бидам Мартин Лутер Кинг
или нешто такво."
Елвин Вилсон, кој се извини за расистичките ставови, умре на 76

„Како остаток,
супата беше еднакво добра
и без лепчињата"
Софистициран приказ на супа од домати и печено сирење

За да ги следите дневните хаикуа на Њујорк Тајмс тука.

3 април 2013 - 09:09