Профил на Гвадањино во новиот Њујоркер, содржи информација дека продуцентот на Call Me By Your Name ги купил филмските права за албумот - што е само по себе интересно за оние кои (како нас) до сега не ни знаеа дека постојат авторски права за филмување на албуми. Сценарист ќе биде Ричард ЛаГравенесе, а приказната ќе следи неколку ликови во 1970-тите, занимавајќи се со централните теми на албумот. Режисерот додава дека филмот ќе ја „драматизира репресијата, и што им прави таа на луѓето“ (не дека забележуваме некој муабет за репресија на албумот, освен ако не мисли на репресијата на интроспекцијата, несреќната љубов и глупоста кои ја вршат врз поетскиот субјект).
Веста е интересна и заради тоа што се работи баш за албум на Дилан, но и затоа што ова, колку што ни е познато, ќе биде прв случај музички албум да биде прилагоден за филм, иако секако нема да биде негово буквално отсликување. Ова е по малку необично имајќи предвид од што сè се направени филмови до сега - од видео игри, до емоџи (како во истиомениот филм, во кој, патем, Патрик Стујарт глуми гомно).
Режисерот не открива дали во филмот ќе оди и оригиналната музика или и таа ќе биде преработена во стилот на Дилан. Да се потсетиме, „Блад он д тракс“ е 15-тиот студиски албум на Дилан од 1975, со куп антологиски песни како Tangled Up in Blue, Simple Twist of Fate, Idiot Wind, Shelter from the Storm...Тој е на списокот 1001 албуми кои мора да ги слушнете пред да умрете. Ама нема потреба да го чекате баш-баш тој момент за да го преслушате, еднаш, и уште еднаш.