Целта на стрипот е да ги подучи и објасни главните приказни и теми од Библијата, хронолошки и во историски контекст. Оваа година ќе излезат првите четири тома, кои ги покриваат Стариот завет до Книгата Судии Израилеви, а останатите осум графички новели - кои ќе го покријат остатокот на Стариот завет како и Новиот - ќе бидат објавени следната година. Извршниот директор на издавачот, Арт Ајрис, вели дека целта на компанијата е да стане „Марвел на верскиот пазар".
Стрипот би требало да ја приближи Библијата особено до младите генерации, на кои инаку напишаното им изгледа премногу апстрактно и здодевно. Токму заради фокусирањето на оваа целна група издавачот најмил цртачи кои некогаш работеле со големите американски стрип компании, за кога децата ќе го земат стрипот во рака да имаат чувство дека читаат нешто современо и кул.
Секако, прашањето е која од големиот број верзии на Светото писмо ќе бидат користени за оваа цел. Издавачот вели дека на дното од секоја страница ќе бидат наведени стиховите од Библијата според кои тие се раководеле, за читателите да можат да ги пронајдат истите во која и да е верзија, oдносно превод.
Секако, ова не е прва графичка верзија на Библијата. Вo 1975 DC Comics адаптирала поглавја од „Битие", од Едемската градина до Содома и Гомора. Поранешниот цртач на Џаџ Дред, Сику, објавил манга верзија на Библијата во 2008, додека култниот американски стрип цртач Роберт Крамб во 2009 ја илустрирал првата глава од Стариот завет, „Битие" (Genesis) на начин кој бил оценет како „скандалозна сатира".