
„Пропуштена шанса да се заштити интелектуална сопственост“ - вака реагираше компанијата Биркенсток, која се обиде да докаже пред германскиот суд, дека нејзиниот производ, познатите сандали со ѓон од плута, се уметничко дело. Ова ќе претставуваше основа за нивна заштита согласно законот за авторски права, и ќе ги спречеше оние што ги копираат да заработуваат од нив.
Но судијата го отфрлил барањето, велејќи дека тие не се уметност и дека оттаму не подлежат на ваква заштита, туку се дизајн. Германското законодавство прави разлика помеѓу овие две категории кога станува збор за производ. Дизајнот служи на некаква практична цел, додека уметничките дела треба да содржат одреден степен на индивидуална креативност. Уметничките дела се покриени со законот за авторски права кој овозможува заштита 70 години по авторовата смрт, додека заштитата на дизајн трае 25 години од одобрување на барањето и не може да се обнови. Оттаму и барањето на фирмата, откако е истечена заштитата на повеќето модели сандали согласно ваквите правила.
Во последниве години сандалите стануваат популарни, особено откако актерката Марго Роби носеше розов пар во финалната сцена на хит-филмот „Барби“ од 2023. Производителот Карл Биркенсток, роден во 1930-тите, е се уште жив.
Сандалите кои имаат вдлабнат калап за стапалото, се фалени поради нивната удобност, тоа што се достапни во повеќе бои и поради практичниот дизајн на предниот дел (со ремчиња или целосно покриени). Нивната еволуција може да се следи од оригиналната верзија со кожни ремчиња од 1960-тите.
Иако најпрвин биле отфрлени од модните писти, нивната популарност се зголемува секогаш кога ќе ги облечат познати личности, како супермоделот Кејт Мос во 1990-тите. Биркенсток се имаат појавено и на нозете на добитници на Оскар, на самото доделување (Френсис МекДорманд носеше џиш жолти во 2019, а лани кога се појави гол на сцена Џон Кена на себе имаше кафени, кожни).