Изборот за несоодветен, погрден или „не-збор“ на годината во Германија е прилично популарен, и се одвива во јануари со јавен повик за испраќање предлози за претходната година. Сепак, крајниот избор го прави жири составено од четворица лингвисти и еден новинар.
Во 1991 жирито го одбрал првиот не-збор, но тој се однесувал на целиот 20 век. Зборот е Menschmaterial, „човечки материјал“, преку кој според мислењето на лингвистите човекот се опишува како обичен предмет. Контекстот во којшто се среќавал главно биле Првата и Втората светска војна, во кои човекот бил потрошна „стока“ која ги хранела воените машини.
Не-зборот на годината не мора да биде германски, или пак може да биде термин од друг јазик кој е позајмен во германскиот. За 2021 е одбран „пушбек“ (Pushback), збор кој означува различни мерки кои ги присилуваат мигрантите и бегалците да се повлечат откако еднаш ќе ја поминат границата, без да им се даде можност да аплицираат за азил. „Потиснувањето“ придружено со насилство е спротивно на европското и меѓународното право и конвенциите за човечки права, но Полска го легализираше во октомври 2021.
Во финалето влезе и „јазична полиција“ (Sprachpolizei), термин кој се користи за дискредитирање на оние кои промовираат недискриминаторна употреба на јазикот.
Минатата година два збор го поделија првото место: Corona-Diktatur (корона диктатура), израз со кој се исмеваше обидот за контрола на пандемијата релативизирајќи ги реалните диктаторски режими, и Rückführungspatenschaften (возвратни спонзорства), циничен термин за политички аранжмани кои им овозможуваат на членките на ЕУ да ги спонзорираат бегалците враќајќи ги дома наместо да ги пуштат да влезат во земјата.
Наградата „Не-збор на годината“ има за цел да сврти внимание кон несоодветната употреба на јазикот во јавната сфера и да покаже како ова може да потхранува дискриминација, судир со демократсктие принципи или да го прекршува човечкото достоинство.