Не ние, туку други што повеќе знаат фудбал од нас, велат дека за полуфиналната победа од 2:0 против Франција, Шпанија постојано создавала триаголници при додавањата, со што секој играч што ја добивал топката веднаш имал најмалку две можни решенија. Ова ги принудувало француските фудбалери постојано да носат брзи одлуки, а додека да реагираат, топката веќе била на друго место.
Суштината не е во тоа триаголниците да бидат совршено симетрични, туку да им овозможуваат на играчите повеќе опции, а на противниците да им создаваат неизвесност. Така не само што се користи слободниот простор, туку и се создава. Еден играч што брани не може истовремено да ги затвори сите можни линии за додавање ако тројцата напаѓачи се добро распоредени. Ако се приближи кон еден противник, се отвора простор за друг; ако затвори една линија, веднаш се појавува нова можност за додавање.
Во фудбалот, геометријата е тесно поврзана и со времето. Не е доволно линијата за додавање да биде слободна – важно е топката да стигне до соиграчот пред противникот да успее да ја пресретне. Современите анализи со следење на движењата на играчите пресметуваат кој прв може да стигне до одреден дел од теренот, создавајќи постојано променлива мапа на контролата врз играта.
Според авторот на статија на оваа тема во Конверзејшн (во рубриката „Наука и технологија“), силата на Шпанија не лежи само во еден триаголник, туку во тоа што играчите постојано создаваат нови комбинации. Секоја позиција и секое движење отвораат нови можности, па мрежата на додавања непрекинато се менува.
Овој принцип не е нов. Слична тактика со триаголници со години успешно ја применувал и кошаркарскиот тим Чикаго Булс под водство на тренерот Фил Џексон, каде што распоредот на тројца играчи создавал повеќе опции за напад.
Во финалето против Аргентина, шпанската репрезентација веројатно повторно ќе се потпре на ваквата игра. Иако Аргентинците внимателно ќе ги анализираат нивните движења, геометријата, доброто позиционирање и брзото создавање нови можности би можеле повторно да бидат едни од најважните фактори што ќе го одлучат победникот.