Францускиот филозоф Жан-Пол Ентовен (71) меѓу другото е познат како бивш дечко на пејачката, супермодел и поранешна прва дама, Карла Бруни. Раскинале на почетокот на 2000-тите, откако таа го оставила за неговиот син, Рафаел (46), исто така филозоф и познат водител. И, рака на срце, позгоден од татка си.
Сега Рафаел објавил автобиографија под наслов „Заштедено време“ (Le Temps gagné). Во неа тој изнесува детали од семејниот живот и товарот на тоа да се биде „синот на...“. Ле Фигаро ја нарекува книгата „куршум во черепот“, која во детали го опишува пеколот на детството на авторот. Но истовремено таа е забавна и возбудлива, со самото тоа што започнува „рововска битка“ помеѓу славни татко и син (а и Французите очигледно знаат што е сеир).
„Срцето ми е скршено. Тонам во океан неблагодарност. Никогаш не верував дека во мојот живот, во кој тој играше централна улога, работите ќе се свртат на овој начин“, изјавил таткото, кој преку СМС му објавил на синот дека се откажува од него и дека прекинува секаква комуникација.
Книгата има 500 страници, а насловот произлегува од реченица која таткото постојано ја кажувал „Штеди време, мораш да штедиш време“. Дејството се одвива во 6-тиот „шик“ арондисман на Париз во кој живеат „шампањ социјалисти“, а вклучува и други за париското милје лесно препознатливи ликови, како Бернар-Анри Леви.
Е, неговата ќерка, Јустина, била мажена со Рафаел Ентoвен, пред тој да ја остави за девојката на татка си, Бруни, со која има син. Целата приказна е опишана во книга на Јустина, под ироничен наслов „Ништо сериозно“. Што се однесува до Карла, неа Рафаел ја опишува како „идеална жена“, па можеби поради тоа после неа има проблем да се скраси, со три последователни развода. Критичарите/сеирџиите го опишуваат конфликтот со Ентовен постариот како „едиповски“ - дека преку романот Рафаел метафорично го убива татка си.