Француски автор призна дека користи ВИ, а сепак ја освои престижната Гонкурова награда

Филип Жанада важи како автор од „старата школа“. Нема интернет на телефон. Ама затоа користел ВИ за пишување на некои од „истражувачките“ делови на неговиот роман, кој сега е овенчан со престижната награда. Истовремено, друг автор кој наводно исто така го напишал своето номинирано дело со користење на четбот, е дисквалификуван. Ќе-ск-се?

Француската книжевна награда „Гонкур“, една од најпрестижните во светот на литературата, годинава заврши во рацете на автор кој отворено признава дека при пишувањето користел вештачка интелигенција. Филип Жанада (Philippe Jaenada), 62-годишен писател познат по своите истражувачки романи за неразјаснети злосторства, ја освои наградата за книгата „Непознатата жена од кејот Жавел“. Во неа, тој се навраќа на убиството на 29-годишната Луиз Канзо, млада жена од Бретања која станала модел во Париз, а чие тело било пронајдено на брегот на Сена во септември 1949 година. Користејќи полициски архиви, посетувајќи ги местата поврзани со жртвата и следејќи го истражувачкиот пристап на славниот инспектор Мегре од романите на Жорж Сименон, Жанада реконструира случај што никогаш не добил разрешница.

Контроверзноста е уште поголема ако се знае дека Жанада има имиџ на автор од „старата школа“, човек кој дури и не поседува мобилен телефон. Сепак, во својата книга вклучил разговори со Четџипити и Клод, кои ги користел во текот на истражувањето. Тој не гледа причина да го крие тоа, споредувајќи ја употребата на вештачката интелигенција со филмските специјални ефекти: зошто режисерот би морал да ја прикрива технологијата што ја користел? Жанада смета дека наскоро ќе биде речиси невозможно да се тврди дека некој текст е создаден исклучиво од човек, па дури замислува и романи во кои одделни поглавја би биле јасно означени како дело на вештачка интелигенција. Но, истовремено прави разлика меѓу техничката помош и вистинското авторство: машината, според него, никогаш нема да може да пишува со човечко срце, душа, сеќавања и лична визија за светот.

Неговата победа доаѓа во момент кога француската книжевна сцена е потресена од сосема поинаков случај. Хаитско-канадскиот писател Телиcон Орелиен, кој првично важел за еден од фаворитите за „Гонкур“, беше отстранет од потесниот избор по обвинувањата дека неговиот роман „Тоа или смрт“ бил напишан ТОКМУ со помош на вештачка интелигенција. Според резултатите од еден софтвер за детекција, повеќе од 95 проценти од текстот бил машински генериран, иако сигурноста на ваквите алатки е спорна. Орелиен негира дека користел вештачка интелигенција за пишување на романот, но признал плагијат во некои свои претходни дела. Случајот предизвика сериозна дебата во француското издаваштво, а Академијата „Гонкур“ најави промена на правилата со која ќе се прецизира дека наградата е наменета за дело напишано од човек. Претставници на издавачката индустрија, пак, инсистираат дека авторите мора отворено да ја наведат употребата на ваквите алатки.

Така, истата награда што го исклучи едниот автор поради сомнеж за машинско пишување, му ја додели на друг кој јавно признава дека користел вештачка интелигенција. Разликата, очигледно, не е само во тоа дали технологијата била употребена, туку и како, за што и во која мера. Жанада ја претставува како дел од истражувачкиот процес, а не како замена за сопствениот раскажувачки глас. 

„Гонкур“ носи симболична парична награда од само десет евра, но нејзиното значење за кариерата на писателот е огромно: минатогодишниот добитник Лоран Мовиние продаде речиси 640.000 примероци од наградениот роман. За Жанада, признанието е круна на долгогодишната работа, но и почеток на нова расправа за тоа што денес значи да се биде автор.     

извор

4 ноември 2026 - 22:37