Елен, заборавената сестра на Симон де Бовоар

Пикасо ја обожавал и велел дека таа е уметник пред своето време. Но Елен де Бовоар секогаш била во сенката на нејзината многу попозната сестра. Сега, со отворање на ретроспективна изложба во Британија, јавноста конечно има прилика подобро да ја запознае.

Симон де Бовоар, француската феминистичка икона, писателка и филозоф која го одбележа 20-тиот век, имала помлада сестра, Елен. Таа не била толку позната како Симон, но била исто толку радикална и креативна, како феминистка и сликарка. Изгледа неверојатно уметница за која Пикасо изјавил дека е „оригинална“ кога ја видел нејзината изложба во Париз во 1936 да биде туку-така заборавена. Таа исто така била претседател на женска организација и го потпишала влијателниот Манифест на 343 жени, во кој потписничките откриле дека имале нелегални абортуси, за да укажат на ризиците од ваквата процедура. Елен се нарекувала феминистка дури и пред Симон. 

Сега во галеријата Амар во Лондон се отвора ретроспективна изложба која се очекува да привлече внимание на нејзиното подзаборавено творештво, но и на приватниот живот. Таа и сестра ѝ работеле заедно, се поддржувале, но сепак биле и љубоморни една на друга, се расправале и знаеле на периоди и да не зборуваат. Кога Жан-Пол Сартр, филозофот и писател, долгогодишен партнер на Симон, ја одбил Нобеловата награда за мир, папараците го следеле во чекор. Но тој се скрил во домот на Елен. 

Поставката е под наслов „Уништената жена“, според збирката од три раскази од Симон од 1967, која била единствена уметничка соработка помеѓу сестрите. Елен за неа создала посебна серија графики кои требало да ги отсликуваат емоциите на еден од женските ликови, чиј сопруг признава дека имал вонбрачна афера. Тие биле изложени во Париз во тоа време, а некои од нив и објавени во списанието Ел. 

Изложбата ќе се состои од овие слики, како и уште 13 масла и девет акварели - нејзиното патување од фигуративното кон апстрактното, често со силни феминистички и еколошки теми. 

Елен го доживеала новиот милениум и починала во 2001 на возраст од 91. Изложбата ќе се отвори на 24 јануари и ќе трае до 2 март.  

21 јануари 2025 - 08:16