Eла, ела Салмонела - од каде бактеријата го добила своето име?

Салмонелата е една од најчестите причини за труење со храна ширум светот. Иако името ѝ звучи како на англиски да има врска со лосос, тоа нема никаква врска со риба. Секоја година, оваа тврдоглава бактерија напаѓа милиони луѓе во светот, а ова е особено често лете, поради високите температури кои ѝ овозможуваат побрз развој. 

Најнова епизода на масовно труење со салмонела е забележана неодамна во Калифорнија, каде 79 луѓе се разболеа, а 1.7 милиони кутии (со по 12 јајца во нив) се повлечени од продажба. 

Името на оваа бактерија која лете најчесто се развива во храна нема врска со лосос (salmon на англиски), туку со американски ветеринарен патолог од 19 век, Даниел Е. Салмон, во чија чест е наречена бактеријата. Вистинскиот откривач бил неговиот асистент Теобалд Смит (кој ја регистрирал кај болни свињи), но на крајот, како и често во историјата, шефот ја собрал славата.

Сепак, бактеријата има подлабоки корени. Истражувачи веруваат дека салмонелата била виновна за падот на Ацтечката империја, а дури е пронајдена и во 800-годишен скелет од Норвешка. 

Една од првите регистрирани носителки на салмонела е жена по име Мери Малон, која се преселила во САД од Ирска во 1880-тите. Малон имала салмонела тифи, која предизвикува тифоидна треска, но немала симптоми. Без да знае, таа заразила неколку семејства додека работела како готвачка за богат њујоршки банкар. 

Еден санитарен експерт ги истражил случаите и трагата го довела до Мери. Кога се појавил на нејзиното работно место и побарал примерок од нејзината крв и урина таа зграпчила вилушка и со пцуење го избркала. До 1907, околу 3000 њујорчани биле инфицирани, најверојатно од истата таа бактерија чиј првичен носител била „Тифоидната Мери“. На крај, таа сепак завршила во карантин. 

Денес, салмонелата продолжува да биде главен играч во полето на труење со храна - втора по ред по норовирусот. Најчести извори: јајца, пилешко, краставици, дињи, па дури и желки.

11 јуни 2025 - 15:15