Помеѓу сите цитати „среќата е...“, од оние од старите споменари до извадоци од психолошка литература за самопомош, понекогаш најдобар е само еден јасен, концизен и применлив совет од некој што знае за што зборува. Токму таков е содржан во книгата „Освојување на среќата“ (The Conquest of Happiness, 1930) на британскиот филозоф Бертранд Расел, која на 1 јануари 2026-та влезе во јавен домен и со тоа е ослободена од авторски права. На англиски (а се потрудивме и на македонски) реченицата има само 35 зборови.
„Тајната на среќата е во ова: нека вашите интереси бидат колку што е можно пошироки а вашите реакции на настаните и луѓето кои ве интересираат бидат колку што е можно пољубезни а не непријателски настроени“.
Како што објаснува Расел понатаму во книгата, светот е огромен, а нашиот живот е ограничен. Никогаш нема да имаме време за сè што би сакале да направиме. Ако постојано се бориме со таа вистина, таа може да нè доведе до очај. Наместо тоа, тој советува да избереме интереси што навистина нè привлекуваат – без разлика дали станува збор за историја, животот на ѕвездите, фудбал или плетење – и целосно да се нурнеме во нив. Така, барем привремено, ги забораваме ограничувањата на времето и чувствуваме среќа.
Современата наука го поддржува ова. Истражувањата покажуваат дека отвореноста кон нови искуства е поврзана со креативност, интелигенција и побавно ментално стареење. Луѓето со повеќе и разновидни интереси имаат пошироко чувство за сопствениот идентитет: не се само професионалци или родители, туку и спортисти, уметници, готвачи или ентузијасти за нешто трето. Тоа им помага полесно да се справуваат со тешкотиите – кога една област од животот не оди добро, друга може да им даде сила и самодоверба.
Покрај тоа, хобијата го намалуваат стресот и ја зголемуваат отпорноста, а најважно – нè воведуваат во состојба на „проток“ (флоу), која психолозите ја сметаат за сигурен пат до среќата. Кога сме целосно внесени во нешто што го сакаме, не се грижиме ниту за минатото ниту за иднината.
Сето ова укажува дека Расел навистина погодил една од тајните на среќата. Не можеме да го запреме времето ниту целосно да го отстраниме стресот од животот, но со љубопитност, разновидни интереси и подготвеност да се нурнеме во нив можеме да извлечеме повеќе радост од добрите денови – и полесно да ги поднесеме лошите.
Претходно за Расел - „Пушењето ми го спаси животот“ и „Писмо од затвор до сопругата на 89-годишниот Бертранд Расел“