Ванг Џибинг, кој денес има 56 години, станал доставувач на храна во 2019 година, а популарност на социјалните мрежи стекнал токму преку своите песни и есеи објавувани низ годините. Тој е дел од сè поголема група работници кои во последно време стануваат славни поради нивните книжевни дела - творби што нудат навид во притисоците со кои се соочуваат во огромната кинеска гиг-економија.
За Ванг, престижната награда доаѓа по неколку тешки децении поминати во разни привремени работи. „Го задржав здивот и се чувствував крајно нервозно“, изјавил Ванг за државниот медиум Глобал Тајмс на 15 јули, кога беше објавено дека ја освоил наградата, додавајќи дека медиумското внимание околу него му создало голем ментален притисок.
Паричниот износ на наградата „Лу Сун“ не се објавува јавно, иако според последни податоци од 2014 година изнесувал 100.000 кинески јуани (околу 15.000 евра).
Роден во провинцијата Ѓијангсу, Ванг го напуштил училиштето уште како тинејџер поради финансиски тешкотии во семејството. Работел разни работи - од градежништво, преку собирање отпад за препродажба, до продажба на улична тезга - пред да стане доставувач на храна. Но, неговата љубов кон читањето не згаснала, и во последната деценија почнал сам да ги објавува своите песни и есеи на социјалните мрежи.
Во 2022 година, една од неговите песни, насловена „Човек во брзање“, стана вирална на интернет. Инспирацијата за неа дошла од настан во 2019 година, кога поминал часови во фрустрирачка достава откако муштеријата внел погрешна адреса. Во 2023 година ја објавил и својата прва стихозбирка.
И покрај наградата, Ванг рекол дека нема намера да ја напушти работата, додавајќи дека планира да работи сè до својата 60-та година. „Финансиски не ми е нужна оваа работа за да преживеам, но ја сакам атмосферата што ја носи и таа ме одржува во форма“, изјавил тој. „Сакам приземен живот, а наградата никогаш нема да го промени тоа кој сум.“
Збирката „Низок лет“, објавена во 2024 година, е составена од песни инспирирани од интервјуа и анкети што Ванг ги спровел со околу 200 доставувачи на храна. Еден од стиховите гласи: „Кој вели дека раширени крилја значат летање високо?/И летањето ниско е сепак летање.“
Неговата победа доаѓа во време кога сè повеќе работници од работничката класа во Кина оставаат трага во книжевниот свет. „Јас доставувам пакети во Пекинг“, мемоар од 2023 година на поранешниот курир Ху Анјан, стана бестселер во Кина, а привлече внимание и во странство - англискиот превод беше објавен минатата година. Друг наслов - „Јас сум Фан Јусу“ - автобиографски есеј за личната борба на една работничка-мигрант, го превзеде кинескиот интернет во 2017 година, со толку силна реакција што Фан морала привремено да го напушти својот дом поради бројните барања од медиуми.