Емотивната песна на Шервин Хајипур, „Барoје“, напишана во знак на поддршка на протестите во Иран од минатата есен, е добитник на првото Греми за најдобра песна за социјална промена. Ова го соопшти првата дама на САД, Џил Бајден, во тек на посебен сегмент од преносот на доделувањето на наградите на 5-ти февруари.
Иранскиот композитор бил уапсен од властите во својата земја откако песната собрала над 40 милиони прегледи на социјалните медиуми, станувајќи химна на протестното движење. По апсењето таа исчезнала од неговата Инстаграм страница, но почнала да се шири како шумски пожар, гласно пуштана од автомобили низ Техеран, и изведувана на солидарни протести во Вашингтон, Стразбур и Лондон. Доживела и преработка од Колдплеј, кои ја извеле заедно со иранската актерка во егзил, Голшифтех Фарахани на концертот на бендот во Буенос Аирес во октомври.
Оваа година до Академијата пристигнале дури 3200 предлози за нововоспоставената награда. Освен „Барoје“ уште 12 песни влегле во финалето, а условот бил тие да се објавени во последниве пет години (целосниот список тука). Меѓу нив се и „Слободен“ на Џон Леџенд и „Држи се“ на Том Морело oд Рејџ Агејнст д Машин. За да се квалификува песната треба да содржи стихови кои се однесуваат на актуелно општествено прашање, да промовира свесност и емпатија.