НА OНИЕ КОИ ЌЕ СЕ РОДАТ ПОСЛЕ НАС
I
Навистина, живеам во мрачно време!
Безопасниот збор е глупав.
Безгрижното чело знак на нечувствителност.
До оној кој се смее сè уште не допреле ужасните вести.
Какво е тоа време
во кое разговорот за дрвјата е речиси злостор,
затоа што подразбира молчење за толкуте злодела!
Зарем оној кој онаму мирно ја минува улицата
навистина не е на дофат на своите пријатели
кои се во неволја?
Вистина е: заработувам за живот.
Но верувајте ми, тоа е случајност.
Ништо од сето ова што правам
не ми дава за право да се најадам до ситост.
Случајно сум поштеден
(Ако ме напушти среќата, ќе бидам загубен)
Ми велат: јади и пиј!
Биди среќен што имаш што!
Но како да јадам и пијам
кога она што го јадам му го одземам на гладниот,
а оние кои се жедни ја немаат чашата вода која ја пијам?
А сепак јадам и пијам.
Би сакал да сум мудар.
Во древните книги пишува што е мудро:
да не се мешаш во светските спорови
и својот краток век
да го проживееш без страв.
Да се одржуваш, и без насилство
на злото да му возвраќаш со добро,
мудрите не бараат сите желби да си ги исполнат,
туку да ги заборават.
Јас сето тоа не го можам:
навистина, живеам во мрачни времиња!
II
Во градовите дојдов во време на нереди
кога во нив владееше глад.
Меѓу луѓето дојдов во време на буни
и заедно со нив се бунев и јас.
Така мина времето
кое ми беше дадено на земјата.
Јадев меѓу колежите,
легнував на починка меѓу убијците.
Љубов водев немарно.
А на природата гледав без трпение.
Така мина времето
кое ми беше дадено на земјата.
Патишата во мое време
водеа во мочуришта.
Јазикот ме предаде на кланиците.
Малку нешта можев.
Но властодршците, барем така се надевав,
без мене беа побезбедни.
Така мина времето
кое ми беше дадено на земјата.
Силите беа ограничени.
Целта лежеше многу далеку.
Беше јасно видлива, иако
за мене речиси недостижна.
Така мина времето
кое ми беше дадено на земјата.
III
Вие кои ќе изнурнете од потопот
во кој ние исчезнавме,
размислете.
Кога ќе зборувате за нашите слабости
и ова мрачно време
на кое му избегавте.
Затоа што ние одевме,
менувајќи земји почесто од чевли
низ војните на класите, очајни
кога имаше само неправди, но не и побуни.
А знаеме и самите:
омразата, дури и кон подлоста
ги унакажува цртите на лицето
Гневот, дури и оној заради неправда
го зарипнува гласот.
Ах, ние што сакавме
да го подготвиме тлото за милозливост,
самите не можевме да бидеме милозливи.
Но вие, кога на крај ќе дојде време
човек на човека да му биде пријател,
спомнете нè со попустливост.