Вчера Сајмон и Шустер ја објавија долго најавуваната „Селинџер: орална историја" за авторот на славните „Ловец во р'жта" и „Френи и Зои". Денес пак премиерно ќе биде прикажан документарецот од сценаристот на Армагедон, Шејн Салерно, кој се снимаше девет години, и е направен врз основа на 200 интервјуа и тоа со голем број луѓе кои претходно не сакале да зборуваат на темата, а имале увид во приватниот живот на Селинџер. Авторите на книгата и на филмот го имаат создадено најдеталниот портрет на писателот кој речиси 60 години се обидуваше да одбегне токму вакво внимание.
Оние кои имале увид во книгата и во филмот велат дека тие откриваат најмалку петнаесет работи кои досега не сме ги знаеле. Едно од нив е тоа дека Селинџер сепак оставил необјавени дела. Во последните 45 години (од 1964 до денот кога умрел), тој не објавил ниту еден расказ или роман. Но сега се наводно пронајдени пет нови дела кои ќе бидат издавани во континуитет од 2015 до 2020. Друг нов податок пак вели дека иако до сега се веруваше дека неговата прва жена, полу-Французинката, полу-Германката Силвија Велтер го откачила прва, всушност тој ѝ купил авионска карта за Германија и ѝ ја оставил на послужавникот за појадок, со што го означил крајот на нивниот брак. Причина: Силвија наводно била соработник на Гестапо, а Селинџер полуевреин.
Но секако поинтересни се деталите околу неговиот емотивно-сексуален живот. На пример, откако Чарли Чаплин во 1943 му ја џапнал Оона О'Нил, ќерката на драмскиот писател Еуген, која тогаш имала 17, Селинџер не можел да ја преболи и до крајот на животот барал некоја на нејзини години, приоѓајќи им на девојките со оваа реченица: „Јас сум Селинџер, и ја напишав Ловец во р'жта". Една од нив е Џин Милер, која се појавува во документарецот, и која признала дека кога се мувала со Селинџер имала само 14. Но тој не спиел ниту со неа, ниту со другите млади девојчиња/девојки - само зборувал и се шетал со нив, а кога ќе потпораснеле (како во случајот со Џин, на нејзини 20 години), дури и да имал секс, веднаш потоа ги откачувал.
Авторите на биографската книга и филмот ова го толкуваат како негова несигурност и тоа затоа што бил роден - со едно маде. Особено го погодило тоа што по Перл Харбур се пријавил за војска, но од таму бил „класифициран како неспособен, со останатите сакати". Иако авторите на документарецот и книгата имале сомнеж околу овој податок, две жени независно им потврдиле дека Селинџер имал ваков „деформитет", во врска со кој бил екстремно фрустриран.
Овој податок одеднаш стана централен во муабетот за „новиот" Селинџер, и толкувањето на неговите постапки. Сега тоа - едното - е причината и за помладите девојки, и за повлекувањето од јавноста, и за тоа што Селинџер ги прифатил источните религии кои промовираат воздржување од секс. Иако некаква поврзаност можеби навистина постои, едно е јасно: после девет години душкање и копање низ неговиот приватен живот, кого толку се обидуваше да го заштити токму од таквите како нив, навистина му го отекоа.