Дечкото со една нога кој освоил шампионска титула во борење

„Несопирливиот“ ја раскажува вистинската приказна за борачот Ентони Роблес, роден без десна нога, кој станал национален факултетски првак. Како филм тој запаѓа во стандардната (и помалку излитена) шема на спортски биографии, но е повод да дознаеме за оваа необична животна приказна. 

На 20 јули 1988, докторите не биле подготвени кога Џуди Роблес, самата на 16 години, родила момче на кое му недостасувала десната нога. Никој не можел да објасни како се случило тоа. Како мал Ентони одбивал да носи протеза и не се доживувал како лице со попреченост. На 14-годишна возраст се придружил на средношколскиот боречки тим, нешто што не било само спортска одлука, туку и чин на тивок отпор. 

Во дисциплина која бара рамнотежа, стабилност и физичка симетрија, Роблес гради сопствена техника, целосно прилагодена на своето тело. Наместо да се обидува да го имитира „стандардниот“ борец, тој ја претвора различноста во предност, развивајќи стил што противниците тешко го читаат и уште потешко го совладуваат. Кулминацијата доаѓа во 2011 година, кога тој ја освојува националната титула во факултетската премиер-лига. Но, поважно од медалот е симболиката: неговата победа не е само личен триумф, туку и колективен доказ дека телесната различност не е пречка за извонредност.

Приказната Роблес ја раскажал во својот мемоар „Несопирливиот“, врз основа на кој во 2024 е направен истоимениот филм, со Џарел Џером во улогата на Ентони и Џенифер Лопез како неговата мајка. И покрај јасниот инспиративен момент кој се очекува да се постигне со еден ваков филм (и да, има постер од „Роки“ во спалната), во него Роблес не е претставен како натчовек, туку како некој кој се адаптира и се бори. Во таа смисла, неговиот успех не е чудо, туку резултат на дисциплина, инвентивност и длабока внатрешна решеност.

Џером минал низ долг и тежок процес на тренинг за да научи да се движи и бори како човек со една нога. Во некои сцени на телото на Роблес кој е сниман во боречкиот ринг е монтиран ликот на актерот, а во други се користи посебна „грин скрин“ протеза која ја крие ногата на екранот. Сепак, приказната не се сведува само на спортот. Роблс растел во тешка семејна средина, со проблематичен однос со очувот. Сепак, решил да ја сподели и таа страна од својот живот за да им помогне на други луѓе кои минуваат низ слични ситуации. Денес работи како тренер и одржува мотивациски предавања. Во времето на Барак Обама бил именуван за советник за фитнес и спорт во Белата куќа. 

6 април 2026 - 10:25