Парфемот - логично - се вика „Апокалипса" и е дел од новото шоу на споменатите уметници, „Парти буби трап", кое се отвори минатата недела во галеријата Керол&Флечер во Лондон. Изложбата се состои од видео инсталации и постери кои ја опишуваат актуелната глобална политичка ситуација. „Апокалипса" е направен во соработка со производителот на парфеми Јуан МекКол, изложен е во луксузно пакување со постава од сомот, и според авторите е истовремен симбол и на конзумеризмот и на политиката на страв и манипулации од секаков вид.
Парот уметници минал низ последната книга од Новиот Завет, Откровение на светиот Јован Богослов, правејќи список на секој спомнат елемент кој може да мириса: темјан („Чадот од темјанот со молитвите на светиите се издигна од раката на ангелот пред Бога"), сулфур („А од тие три зла - огнот, димот и сулфурот, што излегуваа од нивната уста, умре третина од луѓето"), пелин („И третиот дел од водите загрочи како пелин, и многу луѓе умреа од водите бидејќи беа загорчени"), како и громови, морски суштества, крв и оган.
Цена на оваа фаталистичка арома е само 375 евра. Ѕидот околу изложената кутија ја „красат" 16 изјави за крајот на светот на познати личности, од Нострадамус до Боб Гелдоф. Оние кои имале можност да го мириснат парфемот, велат дека тој со часови останува во грло, како сенка.
„Наместо да користиме бои, речивме да направиме хемиски портрет на апокалипсата", вели Крегхед, еден од авторите. „Делото е намерна комодификација на крајот на светот. Покренува прашања околу нашата глад за луксуз во услови на климатски промени, војни, социјална дезинтеграција и колапс на животната околина".
Сепак, единствениот совет кој го имаат производителите е - купете го, дур сè наоколу не замириса така.