Христијанството и неговите традиции биле маргинализирани од страна на национал-социјалистите. Некако и „логично“, бидејќи Германците требало да ја заменат својата вера и надеж во Исус со онаа во фирерот. Дополнително, сите врски помеѓу јудаизмот и христијанството требало да бидат избришани. По таа линија, во текот на нацизмот биле менувани дури и стихови на популарни божикни песни, или пак пишувани сосема нови.
Меѓу нив била пропагандната „Погледни ги сјајите ѕвезди во светата ноќ“, изведувана и во поствоениот период од популарни музичари како германскиот пејач на шлагери, Хајно. Но таква била и „Дали се сеќаваш како се случи“ од поетот Херман Клаудиус (1878-1980). Тој ја напишал песната во 1939, а таа е се уште вклучена во изданието со протестантски химни, пред сè поради едноставната но убава мелодија, која се пее на бројните божикни конгрегации.
За разлика од голем број други божикни песни од ерата на нацизмот, кои биле полни со патос и помпезност, стиховите на оваа песна се прилично неутрални. За разлика од неа, една друга песна која ја напишал истиот автор го вклучува следниов текст: „О Боже, помогни му на Фирерот за неговото дело да биде Твое“.
Според Дојче Веле, во моментов во Германија се одвиваат дискусии дали божикната песна на Клаудиус е се уште соодветна за изведување, и покрај тоа што таа самата по себе нема расистичка или ксенофобична содржина. Според некои теолози нема поента во испитување на политичкото минато на секој од авторите, бидејќи тоа може да оди многу далеку - најважно е што велат самите песни. Според други, идеолошкиот багаж на авторот не смее да се потцени.
Сето ова се одвива во контекст на актуелната ревизија на протестантските песнарки во Германија и Австрија, која започнала во 1990-тите. Дали спомнатата божикна химна ќе ја преживее лустрацијата, останува да се види.