„Црвен картон: како САД го разоткрија најголемиот спортски скандал на светот“ на истражувачкиот новинар Кен Бенсингер од 2018 ја раскажува приказната за еден од најголемите корупциски скандали во историјата на фудбалот, но и на спортот воопшто.
Aвторот прави интересни паралели меѓу истрагата за корупцијата во ФИФА и истрагата за руското мешање во американските избори. Во приказната се појавуваат руски олигарси, државни функционери и поранешниот британски разузнавач Кристофер Стил. Според книгата, одредени руски кругови влијаеле врз одлуките во ФИФА и им помагале на обвинетите да ја избегнат американската правда.
Во позадина на настаните се наоѓа и рускиот претседател Владимир Путин. Додека британските претставници и познати личности активно лобирале за Англија да го добие Светското првенство во 2018 година, Путин не учествувал во јавната кампања, тврдејќи дека членовите на ФИФА треба мирно да донесат одлука без надворешен притисок. Причината за тоа, според книгата, била што Русија веќе ја обезбедила организацијата на првенството преку коруптивни договори.
Една од највпечатливите личности во неа - како за на филм - е Чак Блејзер. Иако никогаш не бил фудбалер, тој станал висок функционер во регионалната конфедерација на ФИФА за Северна Америка и Карибите. Бил необична фигура – тежок повеќе од 200 килограми (!?), дијабетичар постојано придружуван од својот папагал, движејќи се со електрични скутери. Благодарение на својата харизма и политички способности стекнал големо влијание во фудбалските кругови. Подоцна токму тој станал клучен сведок и соработник на ФБИ во истрагата.
За разлика од многу финансиски криминали кои се сложени и тешко разбирливи, случајот со ФИФА бил заснован на класични облици на корупција – купување гласови, мито, провизии и незаконски исплати во огромни размери. Тоа ја прави приказната особено возбудлива и лесна за следење.
Сепак, обвинителите се соочиле со бројни правни предизвици, особено околу прашањето дали американските судови имаат надлежност да ги гонат овие дела. Еден навидум мал детал се покажал како пресуден: Блејзер една од незаконските исплати ја уплатил на својата сметка во Њујорк, наместо како претходно во банка на Кајманските Острови. Токму тоа им овозможило на американските власти да преземат акција.
Во истрагата бил применет и законот РИКО, кој првично бил создаден за борба против организираниот криминал и мафијата. Овој закон им овозможил на обвинителите не само да поднесат обвиненија, туку и да конфискуваат огромни суми пари и имот. До денес, истрагите поврзани со ФИФА донеле стотици милиони долари во корист на американската држава.
Книгата завршува со размислување дека успехот на истрагата против ФИФА можеби означува нов период на поширока примена на законите против организираниот криминал и корупцијата, не само во спортот, туку и во политиката и бизнисот. „Црвен картон“ затоа не е само книга за фудбалот, туку и приказна за моќта, алчноста и обидите правдата да стигне и до најмоќните луѓе во светот.