Речиси 200 јавни училишта и други образовни институции, кои се под јурисдикција на властите на токискиот регион, по притисоци на учениците и нивните родители кои траат со години, конечно ќе отстранат пет правила од својот список. Ова ќе важи од април, а меѓу другото тоа подразбира дека веќе нема да мора сите ученици да имаат црна коса.
Станува збор за правило кое предвидува и момчињата и девојките да имаат само ѕифт црна и права коса. За оние со поинаква боја или форма (на пример виткана), до сега беа барани сертификати дека косата не е вештачки фарбана или виткана. Во 2017 тинејџерка ги тужеше локалните власти бидејќи дури и ваквиот сертификат за нејзината кафена коса не им бил доволен аргумент, па откако ја терале да се фарба црна, развила алергија на скалпот. Нејзината тужба била отфрлена од обласниот суд, но тој сепак пресудил дека нејзиното отстранување од настава било претерано и наредил да ѝ биде исплатена отштета.
Освен правилата за косата, до сега важеа и такви поврзани со долната облека - учениците не смееа да носат маици и поткошули во боја која ќе се гледа преку кошулите, а што се однесува до долната облека дозволени беа само бела, сива, тегет или црна (иако не е јасно кој и како тоа го проверувал).
Ваквите случаи, како и анкета спроведена минатата година во 240 училишта во главниот град на Јапонија, која покажала дека дури 216 од нив се уште се придржуваат до овие ригидни правила, довеле до понагласени барања за нивно укинување.
Од советот за образование на Токио велат дека со овој чекор им излегуваат во пресрет на барањата на учениците и нивните родители, но некои од нив жалат што толку се чекало, само затоа што Јапонците се научени да веруваат дека е добро да се придржуваат до правилата, какви и да се тие.