Чудната судбина на репликата на куќата на Симпсонови

Наградна игра од 1997 предвидувала главна добивка - куќа направена по истиот тертип како онаа во цртаниот филм, и од надвор и од внатре. Но откако истата била доделена, добитничката се премислила. Не било лесно да се живее во фиктивен дом, колку и да личел на вистински.

На прв поглед, куќата на два ката на Ред Барк Лејн во Хендерсон, Невада, изгледа како правена по калап и дека е иста со соседните. Но малку подетален поглед открива некои невообичаени детали за овој регион. Куќата има заоблен влез, испакнати прозорци на долниот кат, а на покривот има оџак (жителите на Невада ретко имаат потреба да се грејат на дрва). Исто така, кратко време по изградбата таа имала „џиш“ жолта фасада. 

Куќата е всушност изградена како речиси идентична тродимензионална реплика на Евергрин Терас бр. 742, адресата на Хомер, Марџ, Барт, Лиза и Марџи Симпсон во Спрингфилд. Работејќи со лудо темпо, архитекти и градежници го де-фикционализирале домот на славното анимирано семејство за награден конкурс. Годината е 1997, време кога серијата е во финансиска криза - приходот од производи поврзан со неа опаднал во споредба со раните 1990-ти, кога изнесувал 2 милијарди долари. Така, на продуцентите им текнало да објават повик за најдобри снимки под наслов „Виртуелен Спрингфилд“, во кои гледачите би го истражиле овој град и би се запознале со неговите жители. 

Но на еден надворешен маркетинг консултант, Џеф Чарни, му текнало целата кампања да ја искористи и за рекламирање на градежна компанија. Станувало збор за фирмата Кауфман и Броад, која во тој момент планирала нова населба во Хендерсон, Невада, југо-источно од Лас Вегас. Чарни предложил компанијата да подигне реплика од домот на Симпсонови, што телевизијата Фокс веднаш го прифатила. 

Следувало гледање на над 100 епизоди од шоуто, како и анализа на сторибордови, за да се осмисли и надворешниот и внатрешниот дизајн. Иако 90% од градбата била нормална, некои детали биле додадени за да асоцираат на цртаниот - на пример рамките на вратите биле проширени и издолжени за да ја собере косата на Марџ и ставата на Хомер. Во дворот била направена дури и куќичката на дрво на Барт. Биле изработени точно истите завеси и шифоњери, а биле исликани и глувчешки дупки на ѕидовите близу подот. До креветот на Лиза бил поставен нејзиниот саксофон. А во фрижидерот имало Даф пиво. 

Кога била завршена, куќата почнала да прима гости - туристи и обожаватели на шоуто. Истовремено, преку производите на Пепси се одвивала наградна игра. Доколку бројчето од купениот производ се поклопел со она емитувано во текот на есенската премиера на шоуто, сопственикот требало да ја добие точно таа куќа, проценета на 150.000 долари. 

На 21 септември 1997, оние кои ја гледале премиерата на епизодата, која патем по нападите од 11 септември 2001 ќе биде повлечена поради тоа што прикажува слики на Светскиот трговски центар, го виделе победничкиот борј на екранот. Но ништо не се случило. Кој и да го имал производот со број 9786065, не се пријавил. Планот Б бил да се избере добитникот преку формулари кои потрошувачите ги праќале преку пошта. Во декември 1997, било соопштено дека формуларот и припаѓал на Барбара Хауард, 63-годишна пензионирана фабричка работничка од Кентаки. 

Таа живеела во област која била толку забаталена, што лимузината испратена од Фокс морала да оди долго време по земјен пат за да стигне до неа. ТВ мрежата организирала авионски превоз за неа, двете ќерки и внукот, што било прв пат некој од нив да патува со авион. Таа постојано повторувала дека не може да си поверува на среќата.

Но тој декември, откако адреналинот спласнал, Барбара ги вратила клучевите. Сепак не ја сакала куќата, туку кеш (а можела да бира иако во готово се добивало многу помалку од реалната сума на објектот). Логиката да земе 75.000 била разбирлива - живеела среќно на фарма за ноеви и тутун со нејзинот сопруг и немала мотив да се сели. Освен тоа, Здружението на сопственици на куќи во овој регион (институција со очигледно големо влијание) не било задоволно што некаква-си куќа од цртан филм ги нарушува стандардите на градба и што штрчи со својата жолта боја. Таа морала да биде префарбана, иако останала извор на постојана љубопитност за фановите, кои не се воздржувале дури ни да ѕиркаат низ прозорците а понекогаш дури и да ја отвораат влезната врата. Така, излегло дека реалноста на живеење во измислен свет е малку покомплицирана од очекуваното. 

11 февруари 2025 - 18:57